X
 29.10.2016 Наука

Депресијата не е само психичка состојба

Британските и кинеските научници со помош на магнетна резонанца, во неодамнешното истражување дошле до заклучок дека депресијата не е само психичка состојба туку постои и физички извор за депресијата поврзан со функционирањето на фронталниот кортекс, делот од мозокот кој управува со процесите за одлучување и мотивација.


Резултатите од скенирањето на мозокот на повеќе од 900 лица, покажале дека чувствата на тага, ниска самодоверба, анксиозност, празнина, безнадежност, загриженост, беспомошност, хроничен замор – се поврзани со функционирањето на предниот дел од мозокот, кој е клучен во мозочниот емоционален состав. Кога таму доаѓа до пореметување, тогаш и донесувањето на најмалите одлуки претставува проблем, велат научниците.

Со овие откритија би требало да се дојде до нови третмани во лечењето на депресијата, сметаат научниците. Тие ангажирале 909 доброволци кои биле изложени на магнетна резонанца. На 421 од нив поставена им е дијагнозата – депресија.

Останатите 488 испитаници ја сочинувале контролната група. Снимките покажале дека депресијата е поврзана со нервната активност на два различни дела од фронталниот кортекс – латералниот и медијалниот.

Медијалниот дел е активен во моментот кога се случува нешто добро и позитивно, па такви емоции се раѓаат кај човекот. Но, резултатите од магнетната резонанца кај лицата со депресија покажуваат слаба нервна поврзаност помеѓу медијалниот дел и делот за помнење во хипокампусот – подрачје во мозокот во облик на потковица, кое игра важна улога во спојувањето на информациите од краткорочното помнење во долгорочно.

Не е потполно јасно зошто е тоа така, но научниците претпоставуваат дека на лицата со депресија им е покомплицирано да создадат позитивни сеќавања и спомени. Освен слабата поврзаност со медијалниот дел, кај овие пациенти евидентирана е и силна нервна поврзаност со латералниот дел на фронталниот кортекс, кој се активира во случај на негативни искуства, на пример казнување и слично. Резултатите покажуваат дека зголемената мозочна активност во латералниот дел значи дека на депресивните лица им е полесно и поедноставно да се сеќаваат на негативните искуства, односно им е многу тешко да се чувствуваат добро во сопствената кожа.

Подоброто разбирање на овие појави може да доведе до големи разлики во однос на сегашното и идното лечење на болеста, бидејќи антидепресивите не се толку делотворни односно околу 50 проценти од пациентите не реагираат на првите препишани антидепресиви. Со ова откритие британските и кинеските научници сакаат да предупредат за важноста на тематиката и примената на персонализирани лекови, за резултатите од лечењето да бидат поефикасни. Според процените на Светската здравствена организација, депресијата до 202 година ќе биде втор светски здравствен проблем, а кога би зборувале за женската популација, тоа е здравствен проблем број 1. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Brain“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука