X
 28.04.2020 Наука

Ураганите можеби забавуваат поради сѐ повисоките нивоа на јаглероден диоксид, и тоа не е добро

Научниците посочуваат дека сѐ поголемото глобално затоплување може значително да ги забави ураганите и да доведе до уште повеќе деструкции.

Иако забавувањето можеби звучи како да е нешто добро, истражувачите зборуваат за брзината со која ураганите напредуваат, а не за брзината на ветрот. Па ова забавување значи повеќе време за создавање патека на деструкција со ветришта и дождови кога ќе ја погодат земјата.

Предупредувањето се заснова на метеоролошки податоци собирани уште од 1950 година, како и читања направени на поскорешни бури од последните неколку години, но и проекции за иднината создадени со компјутерско моделирање.

Научниците го проучуваат движењето на ураганите наместо брзината на ветровите во центарот на бурата. Бидејќи без разлика на тоа колку се брзи ветриштата, бурата сѐ уште може да се движи бавно.

На пример, во 2019 година ураганот „Доријан“ создаде силни налети на ветришта со брзина од 295 километри на час, но напредуваше само неколку километри на час. Тоа значи повеќе време за нанесување штета и повеќе дожд на помала површина. Ако идните урагани продолжат да ја следат шемата на „Доријан“, тогаш веројатно ќе бидат исто толку деструктивни, а можеби и повеќе.

- Нашите симулации посочуваат дека идните антропогени затоплувања може да доведат до значително забавување на движењето на ураганите, особено во некои населени региони на средна латитуда. Ова е првата студија за која знаеме, а која комбинира физичка интерпретација и големо моделирање на докази за да докаже дека идното антропогено затоплување може да доведе до значително забавување на движењето на ураганите - вели климатологот Ган Жанг од Универзитетот во Принстон.

Со користење детални климатски модели Жанг и неговите колеги направиле 6 различни шеми базирани на 15 одделни сетови на иницијални услови, што им дало вкупно 90 различни идни сценарија.

Во сите тие 90 сценарија на моделот му било кажано да очекува зголемување на нивоата на јаглероден диоксид и последователно глобално затоплување од 4 Целзиусови степени до крајот на векот.

Симулациите покажале дека тоа би предизвикало западните ветрови да отидат кон половите. Моделите сугерираат дека ураганите во Азија и во Северна Америка, по должината на латитудите во близина на Њујорк, ќе бидат најпогодени. Сепак, брзините на ураганите во тропскиот појас нема да бидат променети од зголемувањето на температурите.

Студијата не утврдила дефинитивна врска меѓу климатските промени предизвикани од човековата активност и шемите на забавување на ураганите - во моментов нема доволно податоци за да се исклучат случајни варијации или некои локални причини, велат истражувачите.

Сепак, ова е јасен показател за проблемите што си ги создаваме со тоа што не им посветуваме доволно внимание на климатските промени. Веќе гледаме зголемување на бројот на настани со екстремни временски услови и нивното останување подолго време би било лошо.


Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука