X
 25.02.2020 Живот

Уметници преку своите дела се обидуваат да укажат на климатските промени

Постојат уметници кои со нивните дела се обидуваат да укажат на климатските промени и да повикаат на решавање на проблемите. Тие пронашле свои начини за борба низ музиката, сликарството, уличната, па дури и класичната уметност

Минатата година холивудската ѕвезда Џејн Фонда во неколку наврати нè потсети на нејзиниот активистички дух кој ја одбележа речиси целата нејзина кариера. Минатата есен, секој петок, заедно со неколку пријателки и колешки организираше климатски протести, што доведе и до апсење на познати актерки.

Во интервјуата таа напоменува дека климатските промени се една од најголемите закани на нашето време и дека поради тоа не се откажува од борбата. Меѓу познатите личности, претежно актери, има уште неколку поединци кои на свои начини се борат против климатските промени и ја подигнуваат свеста за нив.

По својот еколошки активизам познат е и Леонардо ди Каприо, чија фондација се занимава и со климата, барајќи решенија како да се премине на обновливи извори на енергија.

Актерката Дерил Хана снима еколошки документарци и го критикува недостигот на политички дијалог за климатските промени, а актерот Марк Рафало често во јавноста зборува за глобалното загревање и е доста активен на протестите.

Улична уметност со мисија


Анонимен француски уличен уметник кој себеси се нарекува „Инвејдер“, инспириран од популарната видеоигра „Спејс Инвејдерс“ од крајот на 70-тите, веќе неколку години создава мали пикселизирани мурали што стилски потсетуваат на оваа и на другите ретро-игри.

Најчесто работи навечер или со маска, а ваквите цртежи досега биле забележани на многу места низ светот.

Тие раскажуваат различни приказни, од кои многу на прв поглед не се јасни. Неодамна се појави едно уметничко дело на „Инвејдер“ посветено на активистичкото движење „Екстинкшн Ребелион“ и неговата борба за планетата.

Станува збор за пикселизиран цртеж што прикажува човечка рака, оган и Земјата.


Податоци во сликарството


Американската уметница и научник Џил Пелто преку сликарството се стреми да зборува за науката. Со својот несомнен талент и карактеристичен стил, таа се осврнува на проблемите со животната средина.


На пример, една од нејзините серии на слики со наслов „Деградација на живеалиштата“ го прикажува влијанието на човекот врз екосистемите низ светот, ставајќи ги во првите редови животните што страдаат. Таа посвети повеќе од своите слики на климатските промени користејќи ги податоците добиени од истражувачите.

Топењето на глечерите, зголемувањето на нивото на морињата и користењето обновлива енергија се некои од темите што ги насликала повикувајќи се на релевантни податоци.

На политичарите водата им е до грлото


Во текот на летото 2013 година жителите на Нант имале можност да видат необична и прилично вознемирувачка уметничка инсталација. Станува збор за делото „Чекајќи ги климатските промени“ на шпанскиот уметник Исак Кордал.

14 скулптури облечени во костуми пловат во вода чие ниво само што не им поминало над главите. Кордал е познат по создавање скулптури во повеќе градови низ светот и чест мотив му се луѓето што тонат поради порастот на нивото на водата, со што сака да го претстави падот на општеството. Внимание привлече и во 2011 година кога во Берлин ја прикажа инсталацијата „Политичарите дискутираат за глобалното затоплување“, каде што на некои од нив водата им поминала над главите, додека тие, не забележувајќи, продолжуваат да дискутираат.


Климатска симфонија



Фановите на класичната музика од 2017 година имаат можност да слушнат композиција што ги активира нивните емоции на сосема поинаков начин од сите претходни. Имено, тие можат да ја слушнат пораката за планетата токму во песната.

„Симфонија за климата“ е создадена од група научници и музичари користејќи необичен, но стар метод - сонификација.

Ова е начин да се претворат податоците во форма што може да се претстави со звук.

Знаци пред патиштата


Едно од важните места каде што се среќаваат уметноста и климатските промени е Њујорк. Мотивацијата за климатскиот музеј, според зборовите на основачот, била црпена од фактот дека голем број американски жители се загрижени за овој глобален проблем, но истовремено повеќето од нив се неактивни во врска со тоа.


Една од поуспешните идеи на овој музеј е изложбата „Климатски сигнали“ од Џастин Брајс Гуарили од 2018 година. Гуарили е познат по преиспитувањето на односот помеѓу човекот и природата и преку соработка со писателите, филозофите и научниците, на повеќе локации во Њујорк постави билборди на соларна енергија, слични на оние што презентираат предупредувања на патот. Овој пат на нив биле испишани пораки за екологијата, најчесто обоени со црн хумор.

Рап-водич за климатскиот хаос

Во различна музика, но со еднаков труд и сериозна работа, раперот Баба Бринкман се обидува да го опише климатскиот хаос. Тој пред повеќе од 15 години почнал да се занимава со рап специфичен по тоа што сите текстови настануваат врз основа на научни трудови. Тоа значи дека песните што ги слушате претходно биле создадени со многу читање и анализирање на резултатите од истражувањето. На овој начин раперот ја комбинира својата љубов кон музиката и кон науката.

Некои од темите што се опфатени во песните се невронауката, свеста, еволуцијата, а раперот во 2016 година го објави албумот „Рап-водич за климатски хаос“, кој е целосно посветен на климатските промени.

Извор: Klima101
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот