Во наредниот период ќе зачести појавата на природни катастрофи поради глобалното затоплување и климатските промени, топлотните и студени бранови. Сушите и интензивните дождови, како и силните и разорни дождови ќе бидат честа промена во светот и кај нас – вели Пеце Ристевски, климатолог и метeоролог
Ноќе многу студено, а преку ден претопло. Еден ден вклучуваме греење во домовите, а веќе следниот сме на куси ракави. Драматичните температурни разлики ни се секојдневие во последните години. Со д-р Пеце Ристевски, експерт за климатологија и применета метеорологија, разговараме зошто се случуваат, за нивното влијание врз здравјето, за тоа што нѐ очекува и како може да си помогнеме...
Зошто сѐ почесто ни се случуваат драматични промени на времето?
- Временските промени се поврзани со интеракцијата помеѓу влијанијата на сончевата зрачна енергија, општата атмосферска циркулација и географските и астрономските фактори. Поврзани се и со влијанијата на локалните фактори, а во последно време и со влијанијата на човековите активности кои влијаат врз климатскиот систем. Влијанијата на човекот се однесуваат на неконтролираното производство на стакленички гасови, како што се јаглероден диоксид, хлорофлуорокарбонати и други стакленички гасови кои се резултат на користењето на фосилните горива (нафтата, јагленот, огревното дрво и сл.) и кои негативно влијаат врз енергетскиот и топлинскиот биланс во атмосферата.
Смогот е најизразен во урбаните подрачја
Што може да нѐ снајде во иднина?
- Под влијанието на човековите активности се очекуваше глобално затоплување на целата планета Земја. Тоа нема да биде еднакво во сите нејзини делови. Најголемото затоплување ќе биде во поларните области. Таму и сега почнува да е видливо топењето на глечерите и на мразот. Во наредниот период ќе зачести појавата на природни катастрофи поради глобалното затоплување и климатските промени, топлотните и студени бранови. Сушите и интензивните дождови, како и силните и разорни дождови ќе бидат честа промена во светот и кај нас.
Како промените влијаат врз возрасните здрави луѓе, а како врз болните?
- Брзите временски промени (тоа не се климатски промени) негативно влијаат врз здравјето на болните и на здравите, особено кога се јавуваат топлотни и студени бранови, кога има појава на температурни инверзии и инверзиони магли и смог. Тие се најизразени во урбаните подрачја. За негативните влијанија на бурните процеси во атмосферата укажуваат двата карактеристични случаи: едниот, поплавата во Стајковци на 6 август 2016 и на 2 август 2015 во Шипковица на Шар Планина. Како што во Стајковци имаше повеќе од 20 жртви, така имаше и на терените на сливот на реката Пена - човечки жртви и повеќе урнати објекти и големи наноси од песок, кој донесе загадувачки материи во Тетово. Вака интензивните дождови со кусо траење негативно влијаат и врз растителниот и врз животинскиот свет, како и врз човекот.
Исто така, времето придонесува за појава на зголемено ултравиолетово зрачење во текот на летниот период. Сега во пролетните месеци и во вегетацискиот дел од годината придонесува за појава на алергиски заболувања од некои видови полени кај чувствителната популација.
Пеце Ристевски, климатолог
Што треба да се направи за да се намали глобалното затоплување?
- На меѓународно ниво постојат три конвенции од 1992 година, популарно наречени РИО-конвенции, кои ја регулираат оваа материја и кои се ратификувани од речиси сите држави во светот преку системот на Обединетите нации, Светската метеоролошка организација, Програмата на Обединетите нации за животна средина, Светската здравствена организација и сл. Една од конвенциите е и Конвенцијата за климатските промени која е ратификувана и од Република Македонија, а е дополнета со Кјото-протоколот и Парискиот договор од 2015 година. Со оваа конвенција и дополнителните акти сме обврзани да се придржуваме кон тоа што е дефинирано од меѓународната заедница.
Дали ние како држава преземаме соодветни мерки?
- Република Македонија како одговор кон Конвенцијата има изготвено три главни извештаи со учество на експерти и институции во 2003, 2008 и во 2013 година. Во нив учествував со свои знаења и активности во врска со истражувањата за климатските колебања во изминатиот период на нашата територија (од 1926 до 2012 година), како и со истражување на очекуваните климатски промени во 21 век.
Што може да направиме како поединци?
- Нашето учество треба да го насочиме кон штедење на енергијата, користење нови и обновливи видови енергија и користење енергетски ефикасни објекти, како и преку намалено користење возила и користење јавен превоз, со користење велосипеди тогаш кога можат да се користат.