X
 28.05.2019 Наука

Анаконда се самооплодила

Вработените во аквариумот во Нова Англија, САД, минатата зима откриле нешто невообичаено. Анакондата Ана, тешка 13,6 килограми, долга 3 метри и стара 8 години, родила мали змиички.

Вработените го известиле биологот, кој отишол во резервоарот и нашол три живи бебиња и десетина мртвородени. Анакондите немаат проблем со репродукцијата во аквариуми, па и Ана не била исклучок.

Доколку се остават слободно да се размножуваат, зелените анаконди како Ана можат да имаат десетина бебиња одеднаш и затоа вработените во овој аквариум се погрижиле да ги одделат машките и женските змии во посебни резервоари.

Цимерките на Ана биле само женки. Таа немала контакт со змии од машки род, а сепак некако останала бремена. Дали тоа е магија? Таен ноќен љубовен состанок? Секако дека не. Тоа е само чудо на природата и на науката.

Вработените веднаш се посомневале дека станува збор за ретка репродуктивна стратегија наречена партеногенеза, што значи дека женски организам може сам да забремени. Нејзе не ѝ е потребна анаконда од машки род.

Овој феномен е многу почест кај растенијата и инсектите, но забележан е и кај некои видови гуштери, ајкули, птици и змии.

Според портпаролот на аквариумот, Тони Ла Касе, партеногенезата била забележана во дивината и се знае дека се случува кај видови каде што женката може да не види мажјак подолго време. Врз основа на тоа, партеногенезата била логично објаснување за ситуацијата со Ана.

Но, пред официјално да ја потврдат веста, вработените морале да направат мало истражување. Цимерките на Ана биле прегледани за одново да се потврди нивниот биолошки пол. Била отфрлена можноста за задоцнета имплантација на ембрион бидејќи животот на Ана бил добро документиран.

- Ветеринарите од аквариумот испратија примероци од ткиво на анализа. Неколку недели подоцна резултатите го покажаа она во што поголемиот дел од вработените се сомневаа - стои во соопштението за јавноста.

ДНК на Ана била сè што било пронајдено. И нејзините две живи бебиња (третото починало) биле нејзини генетички копии.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука