Koга на 6 август 1945 година експлодирала ураниумската бомба „Мало момче” (Little Boy) над Хирошима, речиси ништо не останало живо – загинале околу 237.000 од вкупно 255.000 жители на градот, а скоро сите животни и растенија биле збришани.
Но, атомската бомба ја преживеале 170 дрвја што се опоравиле и го дочекаа 21-от век. Во Јапонија овие дрвја се нарекуваат Хибакјумоку. Меѓу нив, најимпресивни се дрвјата Гинко – шест од нив пораснале само на еден до два километра оддалеченост од местото на експлозијата, каде не останало ништо.
Овие шест гинко-дрвја сè уште се живи, а најстарото од нив било засадено во 1740 година – имало повеќе од 200 години кога експлодирала бомбата.. Најблизу до местото на експлозијата, оддалечено само 1.130 метри, бил гинко засаден во 1850 година во близина на храмот Хозенбу, што бил уништен од бомбата.
Во моментот на експлозијата, дрвјата добиле огромна доза на зрачење и биле покриени со голема количина пепел и прашина, што долго време лебделе во воздухот. Сите лисја им биле изгорени. Но, силниот корен што растел длабоко под земја ги држел дрвјата во место, а кога дошла пролетта, на оголените крошни се појавиле нови светли зелени лисја. Не само што дрвјата чудесно преживеале, туку и закрепнале со изненадувачка брзина – затоа овој вид, „Гинко билоба“, во Јапонија се нарекува „гласник на надеж“.
Анализата на геномот на „Гинко билоба“ покажала дека многу гени ги регулираат софистицираните хемиски и антибактериски одбранбени механизми и ги штитат дрвјата од инсекти, гниења и болести. Во исто време, анализата на старите дрвја, стари повеќе од шест века, утврди дека за разлика од повеќето живи суштества, гинко-дрвјата не се склони на дегенеративни заболувања, што ги одржува силни и здрави дури и во староста. Поради сето ова, тие се добро прилагодени на животот дури и во загадените градови.
Фото: Pixabay
Овие дрвја, со висина од 20 до 30 метри, а може и повеќе, лесно ќе го препознаете во некој парк или шума по специфичната светло-зелена боја на крошната и необични лисја во форма на лепеза, што на есен одеднаш стануваат светло жолти. Листовите се триаголни со засеци на врвот, а на женските семиња во пазувата на листовите се формираат мали семени ембриони.
Имено, гинко е двополов вид на дрво - постојат машки и женски гинко-дрвја. Женските дрвја развиваат семиња што личат на мала кајсија, поради што во Јапонија се нарекува сребрена кајсија. Семето се користи во исхраната за некои традиционални јадења. Но, семето испушта непријатна миризба па во парковите најчесто се садат машки семиња.
Иако во аптеките може да се најдат различни препарати на база на екстракт од ова дрво, неодамнешните истражувања покажуваат дека тие немаат значително влијание врз третманот на Алцхајмерова болест и други болести поврзани со меморијата, вниманието и когнитивната функција, како што се смета.
Гинко претставува таканаречен
жив фосил – растение кое нема живи роднини. Различните остатоци од гинко што биле пронајдени укажуваат на тоа дека овој листопаден голосеменец живеел пред околу 270 милиони години (диносаурусите исчезнале пред околу 66 милиони години) и бил доста распространет.
Чарлс Дарвин во својата книга „За потеклото на видовите” пишува дека има видови што се поврзани со некои долгогодишни растенија. Овие растенија преживеале до денес и тој ги нарекол живи фосили. Општо, нивното име се користи за означување на растенија и животни што постоеле во неколку геолошки периоди, што задржале некои од примитивните карактеристики и дека морфолошки и физиолошки личат на фосили – како на пример крокодилите, кои ги надживеале диносаурусите.
Денес, во Азија гинко се смета за свето дрво и се одгледува во дворовите на палатите, а расте диво само во југоисточна Кина, во планински области. Во Европа и САД се одгледува во паркови каде привлекува големо внимание со својот необичен изглед.
Извор:
Nauka kroz price