Недостигот на доверба во науката е огромен проблем кој, во денешниот општествен контекст, доведе многумина до смрт. Голем дел од лажните информации со кои се соочуваме се пласирани намерно и организирано, а што е уште полошо, истражувањата покажуваат дека на интернет лагите се шират побрзо од вистината и луѓето подолго им веруваат.
Психологот Авива Филип-Милер од Универзитетот „Сајмон Фрејзер“ и нејзините колеги ја истражувале научната литература за уверувањето и комуникацијата за да се обидат да создадат ажуриран преглед на методите со кои можеме да се соочиме со овој опасен проблем.
Еден од најголемите митови за комуникациската наука е дека луѓето ќе се однесуваат логично ако само им презентираме факти. Ова се нарекува модел на дефицит на информации. Од климатската криза, до глобалната пандемија, постојат многу примери дека овој метод едноставно не функционира.
- Порано вакцините беа прифатен стандард. Сепак, во последниве години имаше промени поради кои беше полесно да се убедат луѓето да не му веруваат на научниот консензус за вакцините и другите работи - вели психологот Ричард Пети.
Но, луѓето имаат многу легитимни причини да не веруваат.
За почеток, индустриите ја уништуваат довербата во науката буквално земајќи научни акредитиви - користејќи зборови што звучат „научно“ за да го зголемат сопствениот профит. Фармацевтските компании ни дадоа многу причини за недоверба. Освен тоа, науката не е секогаш во право, а големите медиумски групи поттикнуваат презир кон „елитистичките“ експерти, давајќи им сила на ненаучните перспективи.
Сите тие сомнежи, конфликти и премногу информации од сите страни ја уништуваат довербата во науката. Оние што често се одговорни за соопштување научни информации во јавноста, како што се медиумите или политичарите, уживаат уште помала доверба од научниците.
Недовербата кон изворот на информации е една од четирите главни бариери за прифаќање на науката што Филип-Милер и нејзините колеги ги идентификуваа во своето истражување.
- Заедничко за сите четири бариери е тоа што откриваат што се случува кога научните информации се во конфликт со она што луѓето веќе го мислат, но и со нивниот начин на размислување - објаснува Пети.
1. Недоверба во изворот на информации
Недостигот на доверба во изворот на информации постојано се наведува како една од клучните причини зошто луѓето не прифаќаат научни информации.
Легитимната и енергична научна дебата, исто така, може да ги збуни оние што не се запознаени со научниот процес, што дополнително ја оштетува довербата кога таквата дебата ќе се прелее во јавниот домен.
За спротивставување на оваа недоверба, истражувачите препорачуваат да се стави акцент на научната заедница и на пошироките, просоцијални цели на истражувањето. Искреното признавање на туѓите позиции и вашите сопствени недостатоци може да направи многу за да се изгради доверба, објаснува тимот.
- Научните пораки можат да признаат дека има легитимни грижи од другата страна, но тие треба да објаснат зошто научната позиција е подобра - вели Филип-Милер.
2. Лојалност кон заедницата
Нашето размислување е кодирано преку фактот дека ние по дефиниција сме социјални суштества, што нè прави многу ранливи и подготвени понекогаш слепо да им веруваме на оние што ги гледаме како членови на нашата културна група - без оглед на тоа колку сме образовани. Овој феномен се нарекува културно спознание.
- Истражувањето на културното спознание покажа дека луѓето ги искривуваат научните факти за да одговараат на вредностите кои се важни за нивниот идентитет - пишува тимот.
Политичката поларизација и социјалните медиуми само ја продлабочија поделбата. На пример, конзервативците имаат поголема веројатност да им веруваат на научниците кои се појавуваат во конзервативни медиуми, додека либералите имаат поголема веројатност да им веруваат на оние што се појавуваат во либералните медиуми.
Фото: Freepik
- Социјалните платформи како „Фејсбук“ овозможуваат преглед на објави целосно приспособени на светогледот на корисникот, што значи дека конзервативците и либералите добиваат многу различни информации - вели Филип-Милер.
За да се бориме против овој феномен, треба да најдеме заеднички јазик, да споделуваме информации приспособени на одредени целни групи, но и да соработуваме со заедниците кои имаат мислења што се во конфликт со науката.
3. Информациите се во судир со личните верувања
Внатрешните конфликти што се јавуваат кога слушаме информации што се во спротивност на нашите општествени или лични верувања, како што се моралот или религијата, доведуваат до логички заблуди и когнитивни предрасуди, како што е когнитивната неусогласеност.
- Понекогаш е тешко да се помириме со науката и многу поединци ќе ги отфрлат доказите наместо да прифатат информации што сугерираат дека нивната позиција е погрешна. Оваа желба е сосема разбирлива и научниците треба да сочувствуваат со неа - вели тимот.
Клучните стратегии се покажување разбирање за перспективата на соговорникот.
- Луѓето заземаат одбранбена позиција ако мислат дека се нападнати или дека сте толку различни од нив што не може да ви веруваат. Најдете заеднички јазик и надградете го - вели Пети.
Се советува да се стави акцент на научното расудување, зголемувањето на медиумската писменост, разоткривањето на лажните позиции пред да се направат и учењето на луѓето како подобро да се заштитат од дезинформации. Исто така, се препорачува да се формулираат информации на начин што е близок до соговорникот и да се користат лични примери со кои тој може да се идентификува.
4. Информацијата не била пренесена на начин што му одговара на соговорникот
Овој проблем е наједноставниот од сите четири - тоа е едноставно погрешна процена при презентирање на информации, така што стилот на презентација не одговара на стилот на учење на лицето што ја прима информацијата. На пример, некој може да претпочита апстрактни информации пред конкретни информации, некој ќе биде повеќе фокусиран на превенција итн.
Овде, Филип-Милер и нејзиниот тим советуваат да се користат тактиките што ги користат оние што ја уништуваат довербата во науката. На пример, како што прават технолошките или рекламните индустрии, научниците треба да користат метаподатоци за подобро да насочат каде да ги испраќаат своите пораки, врз основа на информациите што ги собираат од корисничките профили на поединци и нивните онлајн навики.
Иако довербата во науката е намалена, таа сè уште е релативно висока во споредба со другите извори на информации.
Реалноста е дека луѓето се животни со неуреден мозок со кој управуваат општествени сојузи, емоции и инстинкти. Оние што се занимаваат со наука и оние што ја поддржуваат мора да го земат предвид ова и да покажат разбирање.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik