Еволуцијата на говорот е една од најголемите енигми во областа. Сепак, пред неколку години се покажуваат одредени врски помеѓу говорот кај луѓето и начинот на кој комуницираат мајмуните, а тоа може да го даде одговорот кој го бараат истражувачите со години.
Имено, во истражувањето објавено неделава, а спроведено
од истражувачи од универзитетот „Сент Ендрус“, Универзитетот во Јорк и Универзитетот во Ворвик, се открива дека ритамот на движењето на усните од страна на шимпанзата потсетуваат на човековиот говор. Шимпанзата ги движат усните во ист ритам како и луѓето додека зборуваат, а тоа се однесува на секој јазик во светот.
Фото: Pixabay
Ритамот, еднаков на 5 циклуси во секунда, односно 5 херци, бил препознаен и кај други примати, како орангутанот. Сепак, засега немало доказ за постоење на овој ритам кај приматите кои се поблиски до човекот, како горилата или шимпанзото. Новото истражување го докажува токму тоа и ја поддржува теоријата дека сигналите кои приматите ги прават со усните еволуирале во вокален систем кој подоцна започнал да се користи за говор.
Во истражувањето, шимпанзата правеле сигнали со усните со просечен ритам еднаков на 4,15 херци, што е блиску до човековиот од 5 херци.
Фото: Pixabay
Според Адриано Ламеира, истражувач, биле откриени јасни разлики во ритамот помеѓу различни групи на шимпанза, што покажува дека тие не се автоматски. Затоа, како и кај луѓето, треба да се започне со истражување на индивидуалните разлики, социјалните норми и другите фактори кои може да имаат улога во начинот на кој шимпанзата „разговараат“ меѓусебно.
Автор: Алис Скот
Извор:
phys.org