Истражувачите што ги проучуваат човечките остатоци од Помпеја извлекле генетски тајни од коските на маж и жена кои биле закопани кога римскиот град бил зафатен со вулканска пепел.
Овој прв „помпејски човечки геном“ е речиси комплетен сет на „генетски инструкции“ од жртвите, кодирани во ДНК извлечена од нивните коски. Античката ДНК била зачувана во телата кои биле обвиткани во пепел кој се зацврстил со текот на времето.
Коските на мажот и на жената првпат биле откриени во 1933 година, во она што археолозите го нарекле „Каса дел Фабро“, односно Куќата на занаетчиите.
Коските се наоѓале во аголот на трпезаријата, а изгледале како да ручале кога се случила ерупцијата на 24 август 79 година од н.е. Една неодамнешна студија сугерираше дека огромниот облак од пепел од ерупцијата на планината Везув веројатно бил смртоносен за жителите на градот во период помалку од 20 минути.
Двете жртви што биле пронајдени, а ги проучувале истражувачите, според антропологот д-р Серена Вива од Универзитетот во Саленто, не се обидувале да побегнат.
- Од позицијата на нивните тела се чини дека не бегале. Одговорот зошто не се обиделе да избегаат може да лежи во нивната здравствена состојба - додава д-р Вива.
Сега се откриени дополнителни докази за време на истражувањето на нивните коски.
Фото: Notizie degli Scavi di Antichita,1934, p. 286, fi
Извонредното зачувување и најновата лабораториска технологија им овозможиле на научниците да извлечат многу информации од мала количина коскен прашок.
Генетското истражување открило дека скелетот на мажот содржи ДНК од бактерии кои предизвикуваат туберкулоза, што сугерира дека веројатно ја имал болеста пред неговата смрт. Фрагмент од коска во основата на неговиот череп содржел доволно недопрена ДНК за да се разработи целиот негов генетски код.
Ова покажало дека тој споделува „генетски маркери“ или препознатливи референтни точки во неговиот генетски код со други поединци кои живееле во Италија за време на римското владеење. Но, имал и група гени кои вообичаено се наоѓаат кај оние од островот Сардинија, што сугерирало дека можеби имало високи нивоа на генетска разновидност низ Италијанскиот Полуостров во тоа време.
Д-р Вива вели дека секое човечко тело во Помпеја е „богатство“.
- Овие луѓе се неми сведоци на еден од најпознатите историски настани во светот. Работењето со нив е емотивно и претставува голема привилегија за мене - вели д-р Вива.
Извор:
BBC
Фото: Notizie degli Scavi di Antichita,1934, p. 286, fi