X
 18.05.2024 Наука

Летото 2023 најжешко досега - го надминало и најтоплиот период од Римската Империја

Истражувачи од Универзитетот „Кембриџ“ и Универзитетот „Јоханес Гутенберг“ во Мајнц спровеле истражување со цел да ја покажат уникатната природа на летните температури во 2023 година.

Фокусирајќи го своето внимание на климатските податоци од северната хемисфера, научниците откриле дека летото 2023 година било најжешкото во оваа сфера во изминатите 2.000 години, надминувајќи ги дури и најтоплите периоди на Римската Империја. Истражувачите користеле податоци од прстени на дрвја кои опфаќаат повеќе од 2.000 години за да ги обноват податоците за старите климатски услови, споредувајќи ги со инструментални температурни записи.

Итност за справување со климатската криза

Со цел да ја истакнат итноста на климатската криза, особено влијанието на емисиите на стакленички гасови, научниците конструирале модел за да ги разберат климатските варијации и да ги стават актуелните трендови на глобалното затоплување во контекст. Податоците од прстените на дрвјата помогнале да се реконструираат летните температури на северната хемисфера, за подобро да се разбере моменталната клима. Прстените на дрвјата се концентрични кругови кои се наоѓаат во пресекот на стеблата на дрвјата, при што секој прстен претставува една година од растот на дрвото.

Овие прстени се разликуваат во ширина, во зависност од фактори како што се климата, температурата, врнежите и условите на почвата во текот на таа година. Овој модел им овозможил да ги споредуваат температурите од различни историски периоди, вклучувајќи ги и периодот на Римската Империја, малата античка ледена доба и малата ледена доба. Моделот покажал дека летото 2023 година се истакнува како исклучително жешко. Во изјавата на научниците се истакнува дека иако 2023 година е пријавена како најтоплата година досега, инструменталните докази во најдобар случај стигнуваат дури до 1850 година, а повеќето записи се ограничени на одредени региони.

Сепак, користејќи го методот на прстени на дрвјата кој покрива два милениуми, ограничувањата биле надминати.

-Кога ќе го погледнете долгиот тек на историјата, можете да видите колку е драматично неодамнешното глобално затоплување. 2023 година беше исклучително топла година и овој тренд ќе продолжи доколку драматично не ги намалиме емисиите на стакленички гасови - изјавил професор Улф Бунтген од Катедрата за географија на „Кембриџ“.

Со рекалибрирање на основната температура за 19 век користејќи податоци од прстени на дрвјата, истражувачите откриле дека 2023 година била за 2,07 Целзиусови степени потопла од просечната летна температура помеѓу 1850 и 1900 година.

Дополнително, истражувањето алудирало и на Парискиот договор од 2015 година, кој покажува дека целта за ограничување на затоплувањето на 1,5 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа веќе е прекршена на северната хемисфера.


- Точно е дека климата секогаш се менува, но затоплувањето во 2023 година, предизвикано од стакленички гасови, дополнително е засилено со условите на „Ел Нињо“, така што завршуваме со подолги и посилни топлотни бранови и долги периоди на суша. Кога ќе ја погледнете големата слика, тоа покажува колку е итно веднаш да ги намалиме емисиите на стакленички гасови - заклучил професорот Јан Еспер, водечки автор на студијата.

Извор: Interesting engineering

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука