X
 28.06.2021 Живот

Вечно прашање: Кои се подобри возачи, мажите или жените?

„Борбата на половите“  е насекаде присутна околу нас, па постојано се поставува прашањето кои се подобри возачи, мажите или жените и дали жените се неправедно обележани како лоши возачи, а мажите како добри.

Секако, на ова се додава и предрасудата дека некои работи се „типично машки“ (како на пример возењето) и дека жените не се снаоѓаат добро во нив.

Одговорот на ова безвременско прашање бара разгледување на целата ситуација од повеќе агли.

Што вели искуството?


Додека сме зад воланот, често се случува некој да нѐ изнервира со неговото нелогично однесување во сообраќајот.

Додека поминуваме свирејќи пред автомобилот што направил грешка, ни се чини дека речиси секогаш зад воланот се наоѓа жена. Сепак, се поставува прашањето: дали, поради пристрасност, само помниме кога гледаме жени во таа ситуација?

Голема е можноста да е така, затоа што сме навикнати мажите да се посигурни во себе додека возат и природно очекуваме да видиме жена како збунето седи зад воланот додека сите свират наоколу. Од друга страна, токму поради таа (можеби лажна) безбедност, мажите возат поагресивно, побрзо, обидувајќи се да го фатат жолтото светло на семафорот итн.

Што вели статистиката?


Статистиката за сообраќајните несреќи во голем број земји покажуваат дека жените учествуваат двојно помалку во сообраќајни несреќи од мажите, а тоа го поткрепува и фактот дека мажите возат поагресивно, ретко ставаат појас, нешто што нашите возачи едноставно не можат да го прифатат како законска и лична обврска.

Интересни се и резултатите од американско и британско истражување, како најрелевантни поради приближно истиот број на машки и женски возачи во овие земји.

Едно американско истражување покажа дека 71 отсто од мажите се вклучени во сообраќајни несреќи со фатални исходи, додека кај жените тоа е 29 отсто. Докажано е и дека речиси двојно повеќе мажи на возраст под 34 години умираат како резултат на брзо возење, во споредба со жените на истата возраст. Исто така, мажите имале поголема веројатност да пијат и да возат.

Во Англија бројките се слични во контекст на несреќи, додека Англичаните имаат четирипати поголема веројатност да возат под дејство на недозволени супстанции и алкохол.

vozac
Фото: Freepik

Една од главните причини зошто статистиката за сообраќајни несреќи е понеповолна за мажите е тоа што тие едноставно возат подалечни и подолги растојанија.

Во Англија, просечен маж поминува 11.590 километри, додека жените поминуваат околу 9.340. Исто така, и кога патуваат заедно, жените почесто се на совозачкото седиште.

Следната причина е дефинитивно односот кон возењето и патувањата. Симулирачки експерименти покажаа дека мажите генерално се поагресивни, поостри и поризично влегуваат во кривини, менуваат ленти и возат брзо.

Друго истражување покажа дека мажите имаат поголема веројатност да бидат вклучени во судир на отворен пат, во верижни судири, претекнување или намалена видливост, но интересно е тоа што жените ги престигнаа мажите по бројот на несреќи на раскрсниците или пренасочувањата.

На мажите им се припишува и почестото луто возење и ризичниот стил на возење, додека жените се потрпеливи и повнимателни.

Кога станува збор за самодовербата во возењето, мажите имаат подобро мислење за себеси - 51 отсто од нив сметаат дека се побезбедни возачи од просекот, во однос со 39 отсто од жените. Исто така, голем дел од мажите сметаат дека ограничувањата на брзината се бавни на сите видови патишта.

Дали поради овој опуштен став кон возењето мажите се потенцијални виновници за поголемата брзина со која возат и предизвикувањето несреќи? Сосема е можно, но тоа не е случај со секој маж-возач.

Што мислат инструкторите за возење?


Инструкторите потврдуваат дека мажите се поопуштени зад воланот уште од самиот почеток и дека се прилично сигурни во себе додека возат, што им овозможува полесно да ја научат механиката на возење и подобро да го запознаат возилото.

Од друга страна, жените кои учат да возат се речиси секогаш несигурни на почеток, но како што поминува времето, стануваат побезбедни. Исто така, жените полесно ги совладуваат сообраќајните прописи и посветуваат поголемо внимание на нив.

Се разбира, сите инструктори велат дека од време на време има ученици кои се целосна спротивност на тоа („несигурен“ маж и жена која сака да вози агресивно).

vozac
Фото: Freepik

Што вели психологијата?


Според психолошките истражувања, мажите се оние кои подобро се снаоѓаат во просторот. Тие можат попрецизно да го измерат растојанието помеѓу два предмети и да го прилагодат нивното движење соодветно. Ова во пракса им дава поголема самодоверба, како и можност да реагираат навремено.

Од друга страна, докажано е дека жените имаат подобар периферен вид и во пракса подобро обрнуваат внимание на работите што се случуваат околу нив, што е еден од предусловите за добро возење.

Земајќи го сето ова предвид, може да се каже дека ниту мажите ниту жените не се експлицитно „подобри“ во возењето.

Во принцип, треба да се биде свесен за фактот дека и мажите и жените можат да бидат добри возачи, но дали ќе станат, зависи исклучиво од нив самите.

Мажите имаат проблеми со преголемото опуштање при возење, и со агресивното возење, додека жените се премногу претпазливи, но во зависност од кој агол се гледа, и едните и другите може да се добри возачи.

Извор: Ddl.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот