X
 28.06.2022 Живот

Медузи во Грција: Каде ги има и кои плажи да се избегнуваат?

Појавата на медузи во грчките мориња се поврзува со зголемената температура на водата, ветровите, но и други фактори, како недостиг на животни кои се хранат со медузите. Погрешно е мислењето дека медузите се појавуваат исклучиво во чиста или исклучиво во нечиста морска вода.

Оваа година загриженост предизвикуваат виолетовите медузи, кои се помногубројни во грчките мориња. Овие медузи се сметаат за едни од најопасните во Средоземното Море поради невротоксините што ги имаат, а ги пренесуваат со убодот.


Фото: Pixabay

Овие медузи може да се најдат од најмали длабочини, па до 1.600 метри длабочина. Нивните краци може да пораснат до 10 метри во должина. Убодот од виолетова медуза предизвикува бол и иритација на кожата. Како несакани ефекти може да се јават и мачнина, низок притисок, тахикардија, главоболка, повраќање, дијареја, проблеми со дишењето. Во ретки случаи може да се јават хипотензија, силни исипи и проблеми со комуникацијата и свеста.

Во случај на убод, се препорачува излегување од морето и миење на местото со големо количество морска вода. Отстранете ги остатоците од медузата со пинцета или кредитна картичка, но не допирајте ги со рацете. Може да помогнат облоги од мраз, лекови против болка и кортизонски крем. Доколку симптомите се интензивни и долготрајни, побарајте помош од професионалец.

Корисни совети

Движењето на медузите зависи од морските струи и не може со сигурност да се предвиди на кои плажи ќе се појават. За да ги однесе медузите, ветерот треба да дува во спротивна насока од плажата, односно од брегот кон морето. Доколку на плажата има планктони, се препорачува да не се капете бидејќи медузите се хранат со нив.


Фото: Pixabay

На кои плажи и места во Грција има медузи?

Постои еден проект за следење на движењето на медузите во морињата. Со негова помош може да ги следите медузите на веб-страница овде. На веб-страницата има и мапа на која се обележени деловите на кои се видени медузи, а информациите редовно се ажурираат.

Постои и група на „Фејсбук“ во која локалните жители известуваат за медузи.

Извор: Grcka info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот