Пензионерите во Австрија од јануари идната година ќе земаат пензија повисока за 34 евра месечно за да се отстранат негативните последици од инфлацијата на нивниот животен стандард. Ова е одлуката на австриската влада, која тргна од тоа дека годишната стапка на инфлација изнесува два отсто, што бара зголемување на пензиите од 2,6 отсто.
-Во Австрија има многу пензионери кои мораат да ги подмират своите животни трошоци со пензија помала од илјада евра . Важно е да се обезбеди достоинствено стареење на нашите сограѓани - порача австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Месечното зголемување од 34 евра во Австрија ќе го добијат најголемиот дел од пензионерите чии пензии се движат од 1.115 до 1.450 евра или се пониски од 1.115 евра. Додека, според пресметките на австриските медиуми, пензионерите со примања повисоки од 3.400 евра би можеле да сметаат на месечно зголемување од 68 евра.
За зголемувањето на пензиите во австрискиот буџет се осигурани дополнителни милијарда евра. Курц тврди дека потегот нема да влијае на зацртаната буџетска политика. Тој за овој чекор има поддршка од коалицискиот партнер од Слободарската партија. Претходно, Социјалдемократската партија најави протести ако австриските пензии не се усогласоат со трошоците за живот во
земјата.