X
 03.05.2021 Живот

„Цвентендорф“ - австриската нуклеарна централа што никогаш не почна со работа

Нуклеарната централа „Цвентендорф“, лоцирана на брегот на реката Дунав, околу 45 километри северозападно од Виена, е единствената нуклеарна централа во Австрија. Нејзината изградба била завршена во 1978 година, обезбедена со гориво и подготвена за почнување со работа. Но тогаш земјата одлучила дека повеќе нема доверба во нуклеарната енергија и проектот бил привремено затворен. Станува збор за единствениот целосно нуклеарен реактор што никогаш не почнал со работа.

Фабриката во „Цвентендорф“ требало да биде првата од трите нуклеарни централи одобрени од австриската влада кон крајот на 60-тите години. Со капацитет од 700 MW, се очекувало да се задоволи околу една десеттина од потрошувачката на електрична енергија во Австрија.

Изградбата на централата почнала во 1972 година, а до 1978 година, кога била завршена, биле потрошени приближно милијарда долари. Посветеноста кон нуклеарната енергија била голема и оваа верност била дополнително зацврстена со нафтената криза во 1973 година, што го натера канцеларот Бруно Крајски да го зајакне својот став кон нуклеарната енергија.

1
Фото: Raimund Appel/Flickr

Електраната била дизајнирана како реактор што врие вода со едно коло за ладење, што значи дека јадрото на реакторот ја загревало водата што потоа се претворала во пареа и оваа радиоактивна пареа ја напуштала салата на реакторот за да ги движи турбините. „Цвентендорф“ немала типични кули за ладење на една нуклеарна централа бидејќи била дизајнирана да ја лади пареата со водата на реката Дунав. Иако во тоа време требало да биде најсовремена, реакторот страдал од многу недостатоци во безбедносниот дизајн. Две централи во Германија со ист дизајн како „Цвентендорф“ веќе се трајно затворени поради механички проблеми.

Уште на почетокот се појавиле проблеми со централата. По само две недели од почнувањето на изградбата се случил силен земјотрес кој го погодил регионот, оштетувајќи го темелот на електраната, па темелот морал да се сруши и да се постави нов бетон. Потоа, за време на поплавувањето на Дунав, водата протекла во неговиот сад за задржување, што укажувало на присуство на истекувања, што значело дека подземните води не би биле заштитени од контаминација. Понатаму, не биле направени никакви планови за отстранување на нуклеарниот отпад. Првичната идеја била да се закопа длабоко под Алпите, но селата на избраното место жестоко протестирале. Австријците се обиделе да го продадат отпадот на Унгарија, Египет и Кина, за повторна употреба, но сите одбиле.

2
Фото: Raimund Appel/Flickr

Поради сѐ погласните критики кон нуклеарната енергија, владата била принудена да одржи референдум за да одлучи дали централата ќе почне со работа. На 5 ноември 1978 година, 1,6 милион луѓе гласале против нуклеарната централа, што претставувало 50,5 отсто од гласачите. Маргината за победа била тесна, но разликата била доволна за да се запечати судбината на електраната.

4
Фото: Rawbert|K|Photo/Flickr

Наредните седум години, до 1985 година, електраната се одржувала во работна состојба, во случај да се премисли населението. Но, нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година ги уништила сите надежи за повторно работење на централата. Набрзо владата почнала со делумно раскопување на централата. Некои делови биле продадени на германски нуклеарни фирми, но целокупниот објект и понатаму е во беспрекорна состојба.

5
Фото: Wikipedia

Сегашниот сопственик на централата го користи комплексот како центар за обука за безбедност и повремено го издава под закуп на организатори на настани и продуценти на филмови за да го користат како филмска заднина.

Извор: Amusing Planet
Фото: Flickr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот