X
 28.08.2019 Живот

Плажата со црн песок е најсмртоносната убавина на Исланд

Нарекувана земјата на ледот и огнот, Исланд навистина на секој чекор го одзема здивот, како на локалното население и туристите така и на продуцентите на серијата „Игра на троновите“, кои одлучија баш таму да снимаат епизоди од познатата серија и тоа на една од најимпресивните вулкански плажи со црн песок - Рејнисфјара.


Од една страна опколена од базалтни карпи, таа со години ги привлекува туристите, а во 1991 година дури и беше рангирана меѓу 10. најубави нетропски плажи на светот. Нејзиниот црн песок настанал со излевање на лава во океанот, која речиси веднаш се оладила и така ја креирала оваа позната глетка. Сепак, зад уникатноста и убавината се крие една опасност.


Поради тоа што е сместена на брегот на Атлантскиот Океан, оваа плажа ја заплискуваат бранови со силни струи, а експанзијата на туризмот, покрај сите позитивни аспекти, донесе и еден трагичен. Брановите-убијци во комбинација со желбата да се направи совршеното селфи предизвикаа голем број несреќи, некои и со фатални последици.


До несреќите доаѓа кога туристите премногу се приближуваат до водата, а големите и брзи бранови ги повлекуваат во морето. Поради тоа, плажата доби колоквијален назив во кој има и доза сериозна политичка некоректност, а тоа е „Chinese take away“. И покрај сите предупредувања, ваквите инциденти сè уште се случуваат, за што сведочат и вознемирувачките снимки на интернет, а позната е онаа што ја постави туристичкиот водич Кристјан Логасон - „How to be stupid in Iceland“ (актерите не настрадале, но се изложиле на опасноста од брановите и со тоа ризикуваа потенцијална трагедија).



На плажата јасно се истакнати предупредувања и графички приказ на висината на обичните и смртоносните бранови, а при рака е и опремата за спасување. На оваа плажа, која изгледа како да е од друга планета, може да се ужива во глетката и од безбедно растојание. Сè зависи од туристот.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот