X
 08.02.2023 Живот

Напуштен тунел свети ноќе во морничава сина боја, причината е неверојатна

Во малиот австралиски град Хеленсбург има напуштен железнички тунел кој ноќе свети во сина боја и е популарна туристичка атракција. Тунелот, оддалечен околу еден час од Сиднеј, е осветлен благодарение на многу светлечки црви што живеат во него.

Тунелот првпат бил отворен во 1889 година, а се користел за превоз на јаглен од локалниот рудник. Тој бил затворен во 1915 година и бил прогласен за опасен за здравјето на луѓето. Набргу потоа едниот крај од тунелот бил затворен за просторот да се користи како резервоар за потребите на рударите.



Со текот на годините тој бил целосно напуштен и луѓето заборавиле дека постои. Во 1995 година била направена иницијатива за чистење на тунелот со цел тој да стане историска атракција. Но, властите не очекувале да најдат светлечки црви во него.



По обновата, стариот железнички тунел станал дом на колонија светлечки црви. Тие светат ноќе за да го привлечат пленот, на пример, комарците. Со текот на годините тунелот станал популарна атракција.



Меѓутоа, туризмот претставува закана за црвите, кои умираат поради светлата од телефоните и од апаратите на туристите. Во 2019 година привремено бил ограничен пристапот до тунелот за да се овозможат услови за размножување на црвите. Оттогаш нема ажурирани податоци за состојбата на оваа атракција.

Извор: Green
Насловна фотографија: Instagram (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот