X
 28.09.2021 Наша тема

Новата академска година почнува в петок, наставата ќе биде комбинирана

Новата академска година почнува на 1 октомври. Ако минатата година студентите беа принудени да учат и да полагаат испити и колоквиуми на далечина, годинава тоа ќе го прават комбинирано, односно има можност и физички да присуствуваат во амфитеатрите и во предавалните. Наставата ќе биде организирана и онлајн и физички, зависно од природата на предметите, но и од процената што ќе ја прави секој факултет поединечно, согласно бројот на студенти и условите за работа.

Најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ го почнува семестарот со новата современа дигитална платформа „iLearn“ за учење на далечина. Како што е објавено на веб-страницата на овој Универзитет, платформата ја работеле членови на работна група во рамките на Комисијата за информатичка технологија, а целта е да се подобри наставниот процес.

- Осовременувањето на наставно образовниот и научноистражувачкиот процес на високообразовните институции со помош на современите технички средства и методи кои се базираат на информатичките технологии, претставува тренд во денешно време. Ова особено се однесува на интеракцијата на студентите и наставниот и друг помошен кадар во процесите на реализација на наставата и другите активности поврзани со следењето на успешноста на студентите во академското напредување, но исто така и во завршувањето на нивните административни процедури поврзани со студирањето. Во релативно краток временски период успеавме да одговориме на предизвикот кој ни го наметна пандемијата, успешно да се престроиме и да продолжиме со реализацијата на една од нашите основни дејности – едукативната - вели ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Проректор за настава, проф. д-р Христина Спасевска, вели дека на дигиталната платформа за учење работел тим од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со поддршка од ректорската комисија за информатичка технологија и професори од факултетите кои веќе имаа искуство со користење дигитална платформа.

- Во сето ова, од мај досега, се вклучени околу 620 професори и асистенти, 68 администратори на платформата и околу 80 студенти. Подготвени се и електронски упатства за студентите - рели Спасевска.

Раководителот на проектот, проф. д-р Боро Јакимовски, кажа дека „iLearn“ e систем што ќе се користи во редовната настава и по завршувањето на пандемијата.

- Платформата овозможува на едноставен начин да се споделуваат материјали, форум за размена на информации, задавање и поднесување домашни и проектни задачи, како и систем за организирање тестови. Со нејзината пристапност и јасност, како и богатиот избор на алатки, можноста за индивидуален пристап на секој наставник и приспособливост на различни видови курсеви и активности на далечина, таа може да се нарече идеална виртуелна училница - оценува Јакимовски.

Некои декани на УКИМ неодамна коментираа дека имаат услови и за онлајн и за физичко присуство. Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, вели дека студентите сакаат да доаѓаат на факултет бидејќи тешко им е да функционираат затворени дома.
Според него, објективноста во оценувањето е намалена со онлајн испитите, а вели дека студентите не се мотивирани за учење од дома.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема