„Ју-ес њуз & ворлд рипорт“ неодамна го објави своето рангирање на најдобрите земји во светот врз основа на квалитетот на животот.
За рангирање на 89. земји на листата, „Ју-ес њуз & ворлд рипорт“, заедно со глобалната компанија за маркетинг и комуникациски услуги „Даблју-пи-пи“ и Училиштето „Вартон“ при Универзитетот во Пенсилванија, анкетирале речиси 17.000 луѓе низ светот, од 22 март до 23 мај 2024 година.
Најдобрите земји за квалитетот на живот беа оценети според следните метрики:
- Пристапност;
- Добар пазар на труд;
- Економска стабилност;
- Добри услови за семејствата;
- Еднаквост на приходите;
- Политичка стабилност;
- Безбедност;
- Добро развиен јавен образовен систем;
- Добро развиен јавен здравствен систем;
Данска се најде на 1. место по квалитет на живот
Данска беше на 4. место во 2023 година, а за 2024 година се најде на 1. место. Заедно со Шведска и Норвешка, таа е дел од културниот регион на Северна Европа познат како Скандинавија.
- Данска е земја која генерално има добри резултати во рангирањата по области како што се образованието, здравството, политичката стабилност, економската стабилност и многу повеќе. Оваа земја се смета за место кое одлично се грижи за своите граѓани и обезбедува висок квалитет на живот за своите жители - вели Елиот Дејвис, репортер од „Ју-ес њуз“.
Иако луѓето во Данска плаќаат највисоки даноци во светот - до половина од нивниот приход - ова е избалансирано со фактот дека поголемиот дел од здравствената заштита во земјата е бесплатна, грижата за децата е субвенционирана, студентите не плаќаат школарина и добиваат грантови што им помагаат во покривање на трошоците за време на студирањето, а старите лица добиваат пензии и им се обезбедуваат помошници.
Исто така, Данска е рангирана како земја број 1 каде што иселениците се најзадоволни со своите работни места, можностите за кариера, рамнотежата помеѓу работата и животот и многу повеќе, според истражувањето на „Екпат инсајдер“ од јули 2024 година.
Околу 84 отсто од иселениците во Данска се задоволни со рамнотежата помеѓу работата и животот, во споредба со глобалниот просек од 60 отсто.
Топ-10 земји за квалитетен живот:
1. Данска
2. Шведска
3. Швајцарија
4. Норвешка
5. Канада
6. Финска
7. Германија
8. Австралија
9. Холандија
10. Нов Зеланд
Извор:
CNBC
Фото: Freepik