Завршена е постапката за линиски превоз. Но, мора да поминат законски осум дена за жалби, па дури тогаш ќе имаме право да склучуваме договори со превозниците што ќе добијат на тендер. Тоа значи дека децата нема да можат да доаѓаат на училиште до идната недела, вели директорот Гоце Лазаров
Вкупно 66 ученици од Конче веќе неколку дена се оневозможени да одат во најблиското училиште „Коста Сусинов“ во Радовиш бидејќи Општината не им обезбедила превоз. За проблемот реагира и Сојузот на средношколци, од каде што информираат дека веќе трет ден од работната недела 66 ученици што живеат во Конче немаат превоз до нивното училиште, кое се наоѓа во Радовиш.
Средното образование е задолжително
Од Сојузот нагласуваат дека конкретниот проблем се провлекувал подолго време поради пропусти на претходните локални самоуправи во општините Радовиш и Конче.
- Превозниците на ученици на линијата Конче – Радовиш - Конче ги изгубиле лиценците бидејќи им истекол рокот. Учениците се соочуваa со сличен проблем на почетокот на ноември, како и на почетокот од второто полугодие, но Сојузот во разговор со сегашниот градоначалник на Општина Конче успеа да го реши проблемот во двата наврата, а средношколците да не губат од наставата. Таа соработка е плодна и сега. Меѓутоа, законската обврска да организира превоз за учениците ѝ припаѓа на Општина Радовиш бидејќи училиштето се наоѓа во Радовиш, а не во Конче“, стои во соопштението од Сојузот.
Оттаму потсетуваат дека член 41-а став 1 од Законот за средното образование гласи: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом“.
- Сојузот разговараше и со градоначалникот на Општина Радовиш и со претставници на училиштето. Ние знаеме дека се прават напори час поскоро да се организира бесплатен превоз за средношколците и дека се соочуваат со административни и процедурални пречки. Нo не смее да се дозволи 66 средношколци да изгубат цела наставна недела поради администрација или нечија претходна грешка. Највисокиот правен акт на нашата земја, Уставот, е јасен: „Секој има право на образование. Образованието е достапно за секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“ (Член 44). Затоа, ги повикуваме институциите да ја испочитуваат својата уставна и законска обврска и итно да го решат прашањето на превозот. Имајќи ја предвид сложеноста на проблемот, Сојузот на средношколци е подготвен да договори средби меѓу двете општини, училиштето и министерствата за образование и наука, за локална самоуправа и за транспорт и врски - велат оттаму.
На настава дури идната недела
Гоце Лазаров, директор на „Коста Сусинов“, за Факултети.мк вели дека проблемот бил во тоа што дозволите за превоз биле истечени, а бидејќи набавката оди на тендер, општинарите од Конче ја задоцниле.
- Сега е сѐ во процедура. Заклучно со вчера, завршена е постапката за линиски превоз. Но, мора да поминат законски осум дена за жалби, па дури тогаш ќе имаме право да склучуваме договори со превозниците што ќе добијат на тендер. Тоа значи дека децата нема да можат да доаѓаат на училиште до идната недела. Досега некако теравме, се снаоѓавме, но овие денови нема како да ги покриеме со превоз. Сега и со новите цени на горивата не сме во можност да обезбедуваме пари - вели Лазаров.
Патот од Конче до Радовиш е 22 километри. Во еден правец, за само еден ден превозот на овие 66 деца чини околу 9.000 денари. Во Конче има пет населени места, од каде што неколку превозници ги земаат и ги носат до училиште, а потоа ги враќаат дома. Лазаров вели дека сите професори знаат за проблемот и дека ќе имаат разбирање за овие ученици, кои деновиве губат од наставата.
Процедури на штета на децата
Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш, вели дека вчера се решил овој проблем.
- Главниот проблем беше што општинарите во Конче не донеле одлука за давање линии за превоз на ученици и кога се смени целата постапка, нови советници, Министерството за транспорт три месеци го држеше предметот и не даваше лиценца на превозниците за да можат да превезуваат ученици. Вчера мислам дека се реши ситуацијата. Не треба административните процедури да бидат оправдување, не смеел да дозволи претходниот состав на советот да биде вака, на штета на децата. Ние импровизиравме, организиравме превоз, наоѓавме донации за некако да ги прикрпиме овие три месеци - вели Ристов.