Тројца ученици што ја напуштиле Украина сега живеат и одат на училиште во Њујорк, САД. Максим Косар, Викторија Лучкевич и Марта Слаба неодамна ги раскажале своите приказни за непрофитната веб-страница за образование „Д 74“, откривајќи како ги напуштиле своите семејства во Украина за безбеден живот во друга земја. Тројцата средношколци сега студираат на академијата „Сент Џорџ“ во Њујорк.
Максим можел да избега од Ивано-Франковск во Западна Украина бидејќи имал роднини во САД. Таму тој повторно се сретнал со мајка си, која живее во Њујорк, но претходно морал да се збогува од татко си и неговиот дом во Украина.
Максим открива дека го одложувал заминувањето на границата со Полска со часови. Потоа, се качил во минибус и го започнал своето патување.
- Бев многу загрижен, не за мене, туку за луѓето што останаа зад мене - изјавил тој.
Случајот на Викторија е различен. Нејзините родители одлучиле да ја испратат во САД за само половина час. Таа спакувала два ранци и се збогувала со членовите на семејството, кои немале документи за да заминат со неа. Сега, таа е во земја која ја напуштиле кога била новороденче и живее кај нејзини роднини.
- Навистина е тешко да не се биде под стрес бидејќи пред два дена зборував со татко ми и додека зборував со него, го бомбардираа мојот град. Ги слушнав експлозиите - раскажала Викторија.
Марта, која има само 13 години, е од Лавов. Таа никогаш не патувала сама пред да мора да избега од Украина. Нејзиниот татко останал во Украина, а нејзината мајка е во Германија бидејќи било прескапо да отиде со неа во САД.
Марта сега живее во станот на нејзината баба, оди на училиште и се обидува да остане во контакт со семејството и пријателите, кои се насекаде низ светот. Кога успева да се слушне со нејзините пријатели, тие зборуваат за „нормални работи“, открива таа.
- Не сакаме да зборуваме за војната. Носи негативна енергија и не ни се допаѓа тоа - изјавила Марта.
Извор и насловна фотографија:
The 74