X
 13.01.2016 Култура

Стилистичките правила за пишување според Ниче

Фридрих Ниче помеѓу 8 и 24 август 1882 година, во допишување со писателката, интелектуалка и психоаналитичарка Лу Андреас-Саломе ги формулира своите стилистички правила за пишување. Лу Андреас била првата жена психоаналитичар, и развила кореспонденција со Фројд за природата на човекот, а била прогласена и за „муза на европските мислители и уметници“.

Фасциниран од 20 годишната Андреас, Ниче не само што сакал таа да биде неговиот интелектуален штитеник, туку и сакал да му биде сопруга, па наводно ја побарал за жена за време на нивната втора средба. Иако таа ги одбила неговите романтични предлози, а потоа и нивното пријателство било прекинато, таа до крајот на нејзиниот живот имала почит кон неговата работа и интелектот. Повеќе од 2 децении подоцна, таа ги вклучила неговите правила во своето истражување за личноста, филозофијата и психата на големиот германски филозоф, кое го нарекло „Ниче“.

Ова е листата на неговите правила за стилот.

1. Од најголема важност е животот: стилот мора да биде жив.

2. Стилот мора да биде прилагоден на личноста со која сакате да комуницирате (Законот за меѓусебни односи).

3. Најпрво, треба да се одреди „што сакам да соопштам и претставам, пред да се почне со пишувањето“. Пишувањето мора да биде мимикрија.

4. Бидејќи писателот нема на располагање многу ораторски средства, тој генерално мора да има модел кој е доста експресивен во претставувањето на потребите, инаку пишаната копија ќе биде многу бледа.

5. Богатството на животот се открива преку богатството на гестови. Мора да се научи да се чувствува се` - должината и забавувањето на реченицата, интерпукцијата, изборот на зборови, паузата, аргументите и гестовите.

6. Бидете внимателни со точките. Само оние кои можат долго да го задржат својот здив имаат право на точка. кај повеќето луѓе, точката е работа на афектација.

7. Стилот треба да потврди дека некој верува во некоја идеја; не само дека размислува за неа, туку и да ја чувствува.

8. Колку е поапстрактна вистината што некој сака да ја научи, толку повеќе човек мора да се потпри на сетилата.

9. Стратегијата на добриот писател на проза се состои во изборот на средства со кои, колку што е можно повеќе ќе се приближи на поезијата, но неговото дело никогаш нема да премине во поезија.

10. Не е добар манир да му ја одземите на читателот најобјективната замерка, ниту пак тоа е паметно. Добар манир е паметно да го оставите читателот сам да ја открие крајната квинтесенција на нашата мудрост.

Да се испитуваат причините и условите на стилот на Ниче значи многу повеќе од истражување на формата низ која неговите идеи се искажуваат; пред се`, тоа значи дека сме во состојба да ги слушаме неговите внатрешни испитувања. Неговиот стил настанал врз основа на голема волја, ентузијазам, пожртвуваност и доста голема употреба на големиот уметнички талент и обидот до знаење да се дојде низ индивидуално израмнување, одраз на побудувањето на душата во криза. Како златен прстен, секој афоризам цврсто ја заокружува мислата и емоцијата. Ниче создаде нов стил на филозофска песна, која дотогаш беше формулирана само со академски тон или тон на огнена поезија: тој создаде персонализиран стил. Ниче не само што го усоврши јазикот туку и ја надмина неговата несоодвеност. Она што некогаш било немо, сега постигна голема звучност.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура