28.11.2018
Живот
Почина Стивен Хиленбург, творецот на Сунѓерот Боб
Стивен Хиленбург, творецот на познатиот цртан лик Сунѓерот Боб, почина на 57-годишна возраст од невродегенеративната болест АЛС, објави телевизиската мрежа „Никелодеон“.
- Со огромно жалење мора да ви соопштиме дека Стив Хиленбург почина по битката со болеста АЛС. Тој беше наш сакан пријател и долгогодишен креативен партнер на „Никелодеон“. Нашите срца и мисли се со неговото семејство - се вели во соопштението на телевизиската мрежа.
Стивен Мекданел Хиленбург беше биолог, аниматор, режисер, писател, продуцент и уметник. Својата аниматорска кариера ја почна во 1992 година. Во 2017 година објави дека страда од „болеста на Лу Гериг“, наречена АЛС.
Цртаниот филм за Сунѓерот Боб ја имаше својата премиера на 1 мај 1999 година и досега беа емитувани повеќе од 220 епизоди.
Извор: МИА