Доколку сте жител на Франција и сакате да бидете здодевни, можеби имате законско право да бидете тоа. Француски суд пресуди дека работодавец ги нарушил правата на еден вработен откако го отпуштил затоа што не бил забавен и не сакал да оди на заеднички дружби со колегите.
Станува збор за работник во консултантската фирма „Кјубик партнерс“, сместена во Париз, која се прокламира како „забавна“, пренесува „Инди100“.
Анонимниот работник бил отпуштен во 2015 година поради „професионална неадекватност“ бидејќи не сакал да учествува во настани за дружење со колегите. Тој изјавил пред судот дека има различна дефиниција за „забава“ и има право да го одбие компаниското правило за учество во такви настани.
Фото: Pixabay
Судот пресудил во негова полза, посочувајќи дека секој не сака да „биде присилен“ да учествува во семинари или излегувања на крајот од работното време на дружби на кои се пие многу алкохол. Според судот, фирмата го нарушила основното право на работникот за достоинство и почитување на приватниот живот, како и неговата слобода за изразување.
Освен тоа, судот посочил дека барањата на фирмата доведуваат до засрамувачки и наметливи практики поврзани со приватноста, како барање за делење кревет со колега за време на семинари и користење прекари за вработените.
Судот ѝ наредил на фирмата да му исплати 3.000 евра на работникот, а има можност да исплати и отштета од дури 461.000 евра.
Извор: Indy100
Насловна фотографија: Pixabay