X
 24.12.2016 Технологија

Револуција или лудило - пуштен во употреба соларен пат во Франција


Деновиве во Франција се отвори еден километар пат прекриен со соларни панели, финансиран со пет милиони евра државна донација.

Соларни панели врз пат во франција

Овој потфат не наиде на широка поддршка од аналитичарите и поборниците за обновливи извори на енергија, кои ја спорат одржливоста на проектот укажувајќи дека стандардните накривени панели се значително поевтини и произведуваат повеќе електрична енергија.

Патот свечено го пушти во употреба француската министерка за животна средина, Сеголен Ројал. Таа го претстави овој километар соларен пат како пример за енергетска транзиција и истакна дека опремата се произведува во местото каде што е лоциран патот, во мала населба во Нормандија, Турувр-о-Перш, со околу 3.400 жители.

Иако во светот постоеја обиди да се постават панели на патиштата за да се произведува енергија без нарушување на природните пејзажи, досега не е забележан проект од ваков размер, пренесува францускиот Монд, и истакнува дека се поставени 2.800 квадратни метри панелни плочи.

Иницијално се најавуваше дека еден километар од ваков соларен пат би можел да снабдува  со енергија 5.000 домаќинства, но еколошкиот сајт Репортер пренесува дека моментално реално се снабдуваат само 50 од нив. Монд пренесува дека се лиферувале различни информации околу капацитетот на производство: најпрво Министерството за екологија најавувало производство од 17.963 киловат часови дневно, за дополнително овој податок да се коригира на 20-пати помала количина од само 790 киловат часови.

„Без сомнение се работи за технолошко постигнување, но за развој на обновливи извори има и други приоритети од ваквите новитети кои се скапи, а не сме во потполност сигурни дека функционираат“, истакна потпретседателот на Мрежата за енергетска транзиција CLER и генерален директор на здружението за соларни извори, Хеспул Марк Једличка.

Како што пренесува Монд, претседателот на Синдикатот за обновливи извори, Жан-Луј Бал, ја доведува во прашање одржливоста на проектот. Во текстот се наведува дека Ројал изнела план да се монтираат панели над 1.000 километри патишта, што би значело инвестиција во вредност од пет милијарди евра. Според ова, пресметката на цената за инсталиран ват би изнесувала околу 17 евра, за разлика од  панелите кои се монтирани на кровови, а која изнесува 1,3 евра по ват.

Порталот Репортер донесува и зајадливи коментари од аналитичари за соларни извори, кои сметаат дека соларниот пат повеќе е средство за субвенционирање на француските компании кои ја произведуваат опремата, отколку средство за производство на електрична енергија.



Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија