Јапонецот Шоџи Моримото веќе три години живее од тоа што луѓето го изнајмуваат да не прави ништо.
За Си-би-ес изјави дека неговото семејство и колегите цел живот му велеле дека е мрзлив, дека не се живее така и дека нема да постигне ништо во животот, но тој не се грижи за тие коментари.
Уште во 2018 година имал идеја да не прави ништо и да го претвори тоа во професија. Ги понудил своите услуги онлајн и луѓето почнале да го бараат.
- На интернет напишав дека не чистам, не разговарам, едноставно седам. И луѓето почнаа да ми се јавуваат - вели Јапонецот Шоџи.
- Моите услуги ги користат луѓе што се плашат сами да одат во продавница, луѓе што се срамат да се појават некаде без придружба, луѓе што сакаат само да седнат со некого на пијачка. Многу сум зафатен, имам три термини дневно - вели тој.
Открива дека секоја недела седнува на кафе со девојка и тоа е тоа.
- Не разговараме. Само седиме и тоа ѝ е доволно - вели Шоџи.
Поради неговата „неработа“, стана многу популарен во Јапонија, а своите услуги ги наплаќа околу 100 долари од состанок.
Имал понуди за работа и да чисти во домови, да биде пријател или да пере алишта, но тој ги одбил сите понуди бидејќи не сакал да работи. Но, многупати стоел на студот за да биде публика на уличен музичар, ѝ правел друштво на личност која не сакала сама да оди на пазарење и поминал родендени со луѓе кои не сакале да бидат сами.
Шоџи има напишано четири книги, а кога не пишува, времето го поминува со непознати. Една вечер излегол со 44-годишната Тамами Мијазаки.
- Кога излегувате со пријатели, важно е дали им се допаѓа кафулето на пријателите. Но, кога изнајмувате друштво, не е важно. Има помалку драма отколку излегувањето со пријателите - вели Тамами, а Шоџи додава дека ништо не е позабавно отколку да не правиш ништо.
Фото: Screenshot/YouTube