Страсните фудбалски навивачи се изложени на толкав стрес додека гледаат натпревари на нивните омилени клубови што може да се ставаат во ризик да добијат и срцев удар, покажува едно ново истражување.
Во рамките на истражувањето на „Оксфорд“ била тестирана плунка од бразилски фанови за време историскиот пораз на бразилската репрезентација од Германија на Светското првенство во 2014 година. Било утврдено дека нивоата на хормонот кортизол биле на многу високо ниво при поразот од 7-1 во полуфиналето.
Ова може да биде опасно, зголемувајќи го крвниот притисок и напрегањето на срцето.
Истражувачите утврдиле дека нема разлика во нивото на стрес меѓу мажите и жените во текот на натпреварите и покрај тоа што се смета дека мажите се поповрзани со нивните омилени клубови.
- Навивачите што се силно поврзани со нивните тимови и имаат силно чувство на единство со тимот доживуваат најголем психолошки стрес при гледањето на натпреварите. Навивачите што се поопуштени исто така доживуваат стрес, но не толку екстремен - вели Марта Њусон, истражувач во Центарот за истражување на социјалната кохезија при Оксфорд.
Фото: Unsplash
Пролонгираните високи нивоа на кортизол може да ги стегнат крвните садови, да го зголемат крвниот притисок и да го оштетат веќе ослабеното срце. Повишениот кортизол може кај луѓето да предизвика и чувство дека им претстои пропаст, дека животот им е во опасност или дека се нападнати.
Претходни истражувања покажаа дека има зголемување на бројот на срцеви удари кај фановите на важни натпревари, без оглед на тоа дали се навива за клуб или за репрезентација.
Во рамките на истражувањето што го спровеле научниците од „Оксфорд“ било следено нивото на кортизол во плунката на 40 навивачи пред, за време на и по три натпревари од Светското првенство.
Најстресен се покажал полуфиналниот
натпревар.
Но, фановите користеле стратегии за справување со стресот, како хумор и гушкање, и до крајот на натпреварот го снижиле до нивоата од пред натпреварот.
Њусон сугерира дека стадионите би требало да ги придушат светлата и да пуштаат смирувачка музика по особено напнати натпревари.
- Клубовите би можеле да нудат прегледи на срце или други мерки за најпосветените навивачи, кои се изложени на најголем ризик од зголемен стрес за време на натпреварот - истакнува таа.