X
 23.10.2020 Наука

Кој има најголеми шанси да развие „долг Ковид“

Возраста и широкиот спектар на првични симптоми го зголемуваат ризикот од „долг Ковид“, покажува ново истражување. Се проценува дека едно од 20 лица е болно најмалку осум недели.

Истражувањето, направено од Кралскиот колеџ во Лондон, покажа дека полот, вишокот тежина и астмата го зголемуваат ризикот.

Целта е да се развие сигнал за рано предупредување што може да ги идентификува пациентите на кои им е потребна дополнителна нега или кои можат да имаат корист од раното лекување.

Наодите доаѓаат од анализа на луѓе што ги внесувале нивните симптоми и резултатите од тестовите во апликацијата „Истражување за симптоми на Ковид-19“. Научниците ги пребарувале податоците за обрасци што би можеле да предвидат кој ќе има долг Ковид.

Резултатите покажуваат дека долгиот Ковид може да влијае врз секого, но некои работи го зголемуваат ризикот.

Што го зголемува ризикот?


- Присуството на пет различни симптоми во првата недела е еден од клучните фактори на ризик - вели д-р Клер Стивс од Кралскиот колеџ во Лондон.

Ковид-19 е повеќе од обична кашлица и вирусот што го предизвикува може да влијае врз органите низ целото тело. Некој што имал кашлица, замор, главоболка и дијареја и го изгубил чувството за мирис, што се потенцијални симптоми, би бил изложен на поголем ризик отколку некој што имал само кашлица.

Ризикот исто така се зголемува со возраста, особено над 50 години, како и тоа дали сте женско.

- Од раните податоци видовме дека мажите се изложени на многу поголем ризик од тешка форма на Ковид, и за жал, повеќе смртни случаи, но се чини дека жените се изложени на поголем ризик од долг Ковид - вели д-р Стивс.

Ниту една претходна медицинска состојба не била поврзана со долг Ковид, освен астмата и белодробните заболувања.

virus
Фото: Freepik

Кои се симптомите и карактеристиките на долгиот Ковид?

Прецизните симптоми на долгиот Ковид варираат од еден до друг пациент, но заморот е најчест.

48-годишната Вики Борн почнала да има температура и мала кашлица во март, што станало апсолутно застрашувачко кога почнала да се бори да дише и ѝ бил потребен кислород. Таа не била примена во болница, иако и сега живее со долг Ковид.

Нејзината здравствена состојба се подобрува, но и понатаму добива „бранови“ од потешка болест. Дури и шетањето на нејзиното куче ѝ претставува замор, така што таа не може да оди и да зборува истовремено.

- Имам чудни, речиси артритични зглобови и чудно, пред две недели повторно го изгубив чувството за вкус и мирис. Речиси како да има воспаление во моето тело кое доаѓа и се враќа, а моето тело не може да се ослободи од него - вели таа.

Вики не е сама. Истражувањето проценува дека едно од 7 лица е болно најмалку четири недели; едно од 20 лица е болно најмалку осум недели, едно од 45 е болно најмалку 12 недели.

Истражувачите од Кралскиот колеџ создале компјутерски код за да изберат кој е изложен на ризик од долг Ковид. Кодот идентификувал 69 отсто од луѓето што развиле долг Ковид, но исто така идентификува и дека една четвртина од луѓето што брзо би закрепнале би добиле долг Ковид.

- Сметаме дека ова ќе биде навистина важно затоа што тогаш можеме да ги идентификуваме тие луѓе, можеби да им дадеме превентивни стратегии, но исто така и клучно е да ги следиме и да се осигуриме дека ќе ја добијат потребната рехабилитација - вели д-р Стивс.

- Освен што се грижиме за многуте смртни случаи, важно е да ги анализираме и оние случаи што ќе бидат погодени од долг Ковид, ако наскоро не ја доведеме пандемијата под контрола - вели професор Тим Спектор, кој го води истражувањето за симптоми на Ковид-19.

- Наодите од истражувањето за симптоми на Ковид се остри и ова треба да биде остар потсетник за јавноста, вклучувајќи ги и младите, дека Ковид-19 е неселективен и може да предизвика долгорочни и потенцијално разорни ефекти - вели британскиот секретар за здравство и социјална грижа, Мет Хенкок.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука