X
 29.01.2021 Наша тема

Возење велосипед и пешачење се во мода! Короната ги менува навиките за превоз

Стравот од зараза бил главна причина за промена на транспортните навики, на второ место е потребата за физичка активност, а потоа и: заштитата на животната средина, заштедата на средства и други причини, посочуваат од „На точак“. Тие категорично тврдат дека корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите

Превозот на граѓаните се промени за време на пандемијата. На многу граѓани примарно превозно средство им е велосипедот или пешачењето. Некои од страв од пандемијата, други за поголема активност, трети за заштита на животната средина, заштеда на средства...

Дури на 28,5% од граѓаните корона-кризата им влијаела да го променат примарното превозно средство. За време на кризата се зголемил бројот на луѓето што пешачат за 22,47%, а на луѓето што возат велосипед како превозно средство за 20,88% споредено со оној претходно. Бројот на корисници на јавен превоз се намалил за 55,43%, а на автомобилскиот се зголемил за 21,56%. Ова се резултатите добиени од онлајн-анкетата „Превоз за време на корона“ спроведена од неформалното здружение „На точак“ и „Одржливи иницијативи“.

Корона-кризата нуди шанса, но и опасност


Преку онлајн-анкетата се испитани 1.615 учесници во градскиот сообраќај во Скопје, кои главно живеат во градот Скопје и во Скопски Регион.
- Со анкетата најмногу продревме до испитаници кои го користат велосипедот како превозно средство, односно 747, но добивме значителен број одговори и од граѓаните чие примарно превозно средство е автомобилот (654), автобусот (516) или пешачењето (485), па преку вкрстени анализи ги испитавме ставовите на граѓаните во однос на примарното превозно средство за да добиеме објективни резултати. Главниот заклучок од анкетата е дека се неопходни итни мерки во јавниот простор во насока на стимулирање на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај во Скопје, за што има поддршка од над 72% од граѓаните - велат од „На точак“.



Локалните и државните власти мора итно да дејствуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај во корона-кризата за похрабри мерки во јавниот простор бидејќи сите учесници во скопскиот сообраќај, без разлика дали користат велосипед или не, се свесни за значењето на велосипедот, велат тие.

- Таквите мерки ќе помогнат да го избегнеме негативното сценарио со зголемување на автомобилскиот сообраќај по кризата, а ќе му дадат поддршка на позитивното сценарио: да продолжи порастот на употребата на велосипедот и пешачењето. Со тоа би биле на прав пат за остварување и на климатските цели и намалување на емисиите на CO2, а би помогнале и во зголемување на безбедноста и подобрување на јавното здравје. Корона-кризата нуди шанса, но и опасност. Потребно е мудро проценување на моментот и лидерство за кризни услови, а не некритичко продолжување со регуларните проекти - додаваат тие.



Властите треба да го одржат порастот на активниот транспорт


За време на корона-кризата се намалија активностите на луѓето (образовни, економски, социјални) или се преориентираа на далечинско работење и учење, со тоа и севкупно се намали бројот на патувања на луѓето, а и обемот на сообраќајот како целина. Како резултат на тоа, се намалија загадувањето и бучавата во светот.

- Сметавме дека мора да се истражи оваа промена во навиките и затоа ја направивме анкетата. За време на корона-кризата, опаднаа автомобилскиот и јавниот превоз, а се зголеми велосипедскиот сообраќај, споредено со претходно. Оваа анкета не можеше да го измери обемот, но го измери процентот на корисници што го промениле начинот на превоз. Дури на 28,5% од граѓаните корона-кризата им влијаела да го променат примарното превозно средство! За време на кризата се зголемил бројот на луѓето што пешачат за 22,47%, а на луѓето што возат велосипед како превозно средство за 20,88% споредено со претходно. Бројот на корисници на јавен превоз се намалил за 55,43%, а на автомобилскиот се зголемил за 21,56% - објаснуваат од „На точак“.



Радува промената кон активниот превоз и тоа е тој голем потенцијал за градот на кој требаше да му се даде уште поголем поттик со брзи антикорона-мерки.

- Порастот на корисници на автомобилот како примарно превозно средство сѐ уште не е видлив (зашто обемот на сообраќајот е севкупно намален), но замислете што ќе се случи кога работите ќе се вратат во нормална функција ако овие луѓе продолжат со истата навика? Ако претходно автомобилскиот сообраќај бил 50% од вкупниот (по обем), а бројот на корисници порасне за 21,56% споредено со претходно, тоа значи дека автомобилскиот сообраќај може да порасне до над 60%. Поголем метеж, загадување, бучава, судири, недостиг на паркинг-места, неквалитетен живот во градот. За да се спречи ова сценарио, мора да се дејствува превентивно и со похрабри мерки, како што тоа го направија многу од европските и светски метрополи. Надевајќи се дека корона-кризата ќе заврши во 2021 година, сметаме дека пролетта 2021 година е последна шанса да се искористи кризата за добро и да се поттикне доброто сценарио, односно да се поттикне и одржи порастот на активниот транспорт, а да се спречи негативното сценарио. Ова е клучниот заклучок и предупредување од анкетата што треба да се земе предвид при креирање на сообраќајните политики - потенцираат од „На точак“.

Промена поради страв од коронавирусот


На прашањето колкав замав има земено активниот транспорт, велат дека дури и со голо око беше забележлив порастот на велосипеди на улиците за време на корона-кризата, но и порастот на пешачењето.



- Од испитаниците што го промениле превозот, 33,7% и 23,59% промениле друг тип превоз со велосипед и со пешачење, соодветно. Најголем дел од нив потекнуваат од јавниот превоз (62,82% и 51,35%, соодветно), но и од индивидуалниот превоз со автомобил (31,41% и 33,9%) и споделениот превоз со автомобил (8,33% и 11,9%). Промената од автобус и од споделен автомобилски превоз кон велосипед и пешачење е мотивирана од стравот од зараза со коронавирусот (слично и промената од јавен превоз кон автомобил), а промената од превоз со сопствен автомобил кон велосипед е помотивирана од потребата за физичка активност. Може да заклучиме дека стравот од зараза (61,09% од случаите) бил главна причина за промена на транспортните навики, на второ место (16,02%) потребата за физичка активност, а потоа и: заштитата на животната средина, заштедата на средства и други причини - посочуваат од „На точак“.

Антикорона-мерки

Во однос на поседувањето превозно средство, интересно е дека има домаќинства што поседуваат само автомобил и воопшто не поседуваат друго превозно средство (на пример, велосипед или тротинет), има домаќинства што поседуваат само велосипед и не поседуваат друго превозно средство, а има и домаќинства што не поседуваат ниту едно превозно средство. И граѓаните што имаат само велосипед и граѓаните што не поседуваат никакво превозно средство мора да имаат услови за движење во градот, открива анкетата на „На точак“.



- Во однос на ставовите за мерки што треба да помогнат за решавање на проблемот со групирањето во автобусите, граѓаните им даваат најмала поддршка токму на мерките што единствено се воведоа: намален број на патници во јавен превоз и на патници во приватен автомобил зашто се недоволни, не им даваат алтернатива. Сметаат дека се најмалку соодветни и најнеостварливи. Според нив, решението е: или зголемен број автобуси или зголемен број брзо создадени велосипедски ленти како алтернатива на јавниот превоз. Анкетата покажа дека граѓаните многу повеќе ги поддржуваат ваквите мерки, без оглед кое превозно средство им е примарно. На пример, повеќе простор за велосипедски сообраќај е најсоодветна антикорона-мерка во сообраќајот не само за оние што користат велосипед туку и за 69,3% од сите испитаници, за 63,3% од оние што користат автомобил, за 61% од оние што користат автобус и за 73,8 % од оние на кои пешачењето им било примарно превозно средство пред кризата - информираат од „На точак“.

Итна промена во инфраструктурата

Тие категорично тврдат дека корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, без разлика на нивниот префериран начин на движење.

- Во однос на користењето на велосипедот како превозно средство, ги испитавме причините кај оние што воопшто не возат. 30,6% ги истакнале небезбедните услови за возење, а 29,4% несоодветната инфраструктура како причина. Незанемарлив е бројот на оние што не возат поради загадениот воздух (15,8%) и поради тоа што не знаат да возат велосипед (14,1% од оние што не возат). Мнозинството граѓани (над 75%) се заинтересирани да возат велосипед и би сакале да ја имаат таа можност. Повеќе и пошироки патеки, поголема безбедност во сообраќајот, безбеден паркинг би ги поттикнале да почнат да го користат велосипедот - велат од „На точак“.



Граѓаните, дури и оние што не возат велосипед, сметаат дека велосипедот има огромна/голема важност во сообраќајот. Па оттука е потребна итна промена на вело-инфраструктурата.
-
Велосипедска инфраструктура насекаде низ градот, не само по булеварите, продолжувања на патеката по текот на Вардар, безбедни услови за возење и паркирање велосипеди, поттикнување промена на навиките се дел од десетина клучни мерки кои се преповторуваат во точно 1.000 одговори на отвореното прашање за тоа што би поттикнало поголемо учество на велосипедот во сообраќајот. Доминираат одговорите поврзани со инфраструктура и безбедност во сообраќајот. Тоа се полињата каде што ни е потребна најитна промена - подвлекуваат од „На точак“.

Фото: „На точак“
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема