X
 11.03.2020 Економија

Дубаи ќе гради мрежа на воздушни транспортни кабини како дел од јавниот превоз

Посетителите на Дубаи наскоро би можеле да патуваат низ градот со воздушни транспортни средства кои ќе бидат дел од јавниот превоз.

Агенцијата за патишта и транспорт на Дубаи потпишала меморандум за разбирање со британската компанија „Бимкар“ за изградба на автономни кабини кои ќе се движат над градскиот превоз. Системот се опишува како комбинација од моношински систем и скијачка жичница.


Фото: Канцеларија за медиуми на Дубаи

Замислени се електрични кабини во кои ќе седат 4 патници и ќе патуваат со брзина од 50 километри на час во места на кои има најмногу метеж. Кабините ќе бидат во хоризонтална положба во текот на целото патување. Се претпоставува дека мрежата ќе може да пренесува околу 20.000 патници во час. Овој проект е дел од плановите на Дубаи да го направи автономен 25% од јавниот превоз до 2030, но и да го зголеми патувањето на жителите со јавен превоз.

Властите во Дубаи работат и на други системи, како автономно воздушно такси и автономни автобуси. Засега не се открива кога ќе биде завршен проектот, но властите се надеваат дека системот ќе се користи пред 2030 година.


„Бимкар“ ќе отвори центар за развој и ќе работи со властите во следните години за да добие лиценца за пренесување патници. Компанијата претходно работела на системот со финансиска поддршка од британската влада.

Во меѓувреме, Абу Даби работи на потенцијално воведување сличен систем од американската компанија „Скајтрен“.

Автор: Киерон Монкс
Извор: cnn.com
Фото: Фејсбук-страница на Канцеларијата за медиуми на Дубаи
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија