X
 29.01.2024 Технологија

Кои се најпродаваните мобилни телефони на сите времиња?

Во 2021 година во светот имаше 7,1 милијарди корисници на мобилни телефони, што е околу 90 отсто од глобалното население. Мобилниот телефон сега е еден од најраспространетите технолошки уреди, а тенките модерни телефони се многу поразлични од нивните претходници кои неретко ги викаме цигли.

Но, дали некогаш сте се запрашале кои се најпродаваните мобилни телефони на сите времиња?

Користејќи податоци од „Википедија“, „Јаху фајнанс“ и „Омдиа“, тимот на „Вижуал капиталист“ ги издвои продажбите на мобилни телефони кои доживеаја неверојатен успех.

Најпродаваните на сите времиња

На врвот на листата со најпродавани мобилни телефони на сите времиња е обожаваната „нокиа 1100“, која има повеќе од 250 милиони продажби во 6 години пред да ѝ биде намалена цената во 2009 година.

На второто место е друга варијанта на истата линија, „нокиа 1110“, со продадени 248 милиони телефони.

Третото место го зазема „ајфон 6/6 плус“ со продадени 222 милиони телефони, а преостанатите 17 места најмногу се поделени меѓу „нокиа3 и „ајфон“, кои имаа многу различна среќа во изминатата деценија.



Откако имаше голем успех со обичните мобилни телефони, „Нокиа“ имаше неуспех во транзицијата кон паметни телефони и брзо беше престигната на пазарот од страна на „Епл“, „Гугл“ и „Самсунг“. „Мајкрософт“ го купи бизнисот со мобилни телефони на „Нокиа“ во 2014 година за да го поддржи нивниот „Виндоус“ телефон, но кога тоа не успеа, пак беше продаден на „ХМД Глобал“. Денес таа компанија сѐ уште произведува „нокиа“ телефони кои работат на „Андроид“.

Ривалството на модерните мобилни телефони: „Епл“ наспроти „Самсунг“

Тешко е и да се поверува колку брзо главниот бизнис на „Епл“ се смени од компјутери на телефони. Во 2009 година продажбата на „ајфони“ сочинуваше 25 отсто од приходите на компанијата. До 2023 година половина од приходите вредни 383 милијарди долари доаѓаа од телефоните.

„Ајфонот“ доминира на листата со 10 најпродавани мобилни телефони секоја година, што може да се види и на следната листа.

Фото: Visual Capitalist (принтскрин)

Сепак, и корејскиот „самсунг“ му парира на „ајфонот“. И иако бизнис-моделите на двете компании се разликуваат, нивните телефони постојано се споредуваат, а додека „Епл“ владее на пазарот на смартфони во САД (52% удел во пазарот), „Самсунг“ ги победува глобално со 22% удел во пазарот, во споредба со 19% на „Епл“.

Извор и фотографии: Visual Capitalist
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија