Современиот начин на живеење и напредокот на комуникациско-информациската технологија налагаат константна потреба од пристап до интернет, што води кон секојдневна прекумерна изложеност на штетното зрачење од електронските апарати со кои сме опкружени.
Многу студии постојано ги докажуваат штетните влијанија врз човековото здравје од прекумерната употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди. Поради тоа, многу организации за заштита на потрошувачите и корисниците сè погласно инсистираат на кутиите во кои се спакувани мобилните телефони и другите уреди при купувањето да стои видливо предупредување дека можат да го загрозат здравјето доколку не се користат правилно, слично како и на кутиите од цигарите. Зрачењето од мобилните телефони е класифицирано како можен предизвикувач на здравствени проблеми, но се очекува наскоро да биде класифицирано како веројатен причинител за здравствени нарушувања.
Во прирачникот со наслов „Мобилниот не е опасен ако знаете како да го користите“ забележани се низа практични совети и препораки за користење кои ги намалуваат ризиците за здравјето при честа употреба:
– Намалете ја употребата на мобилниот телефон. Повик од две минути значително ја менува електричната активност на мозокот. Исто така, се зголемува температурата на мозокот.
– Користете СМС-пораки секогаш кога е можно во замена за директен повик.
– Не дозволувајте им на децата да користат мобилен телефон освен во итни случаи. Детскиот череп е потанок и многу поподложен на влијанијата од штетното зрачење во споредба со возрасните.
– Користете слушалки за мобилни телефони и тоа оние што имаат флексибилни цевчиња за пренос на звуци. Обичните жичени слушалки можат да имаат функција на приемник за околните зрачења, така што со нивно користење се зголемуваат и штетните ефекти од зрачењата. Користењето на блутут-технологијата не се препорачува иако има помала сила на зрачење во споредба со мобилниот телефон.
– Не се препорачува мобилниот да се носи во џебовите или во долните делови од телото, каде што постои подобра спроводливост за вакво зрачење, а со тоа и подобро апсорбирање. Ова може да ги оштети репродуктивните органи и да доведе до стерилитет. Најдобро е да се носи во торба.
– Кога телефонирате, важно е да не го потпирате мобилниот на увото додека не се воспостави врската, затоа што во текот на воспоставувањето на врската зрачењето е најголемо! Ако телефонот е на слушалки, исто така се препорачува да не се ставаат слушалките во ушите додека не се воспостави врската.
– Да не се користи мобилниот телефон на места кои се затворени и имаат железни конструкции (лифтови, возила...) затоа што мобилниот телефон користи повеќе енергија за да воспостави и да одржи врска, а со тоа се зголемува и зрачењето.
– Да се избегнуваат повици кога батеријата е речиси разна (battery low) затоа што е потребно повеќе време да се воспостави врската, со што се продолжува и зрачењето.
– Купувајте мобилни телефони кои имаат истакната SAR вредност на пакувањето и кои се во пропишаните граници, најдобро под 0,6 W/kg.
– Користете само мобилни уреди што имаат EMF-заштита. Пожелно е да не купувате половни мобилни апарати или уреди кои не се проверени.
– Користете прехранбени продукти што содржат доста антиоксиданти затоа што тие го штитат организмот од микробрановото зрачење.