X
 20.06.2019 Живот

Добра лекција или ужасна казна? Ученици мора да ги уништат своите мобилни зашто ги користеле на час

Некои наставници не сакаат да ги видат на час, други им дозволуваат на учениците понекогаш да ги користат, но не постои ученик кој не користел мобилен телефон во училница. Кога професорот ќе ве фати со уред што ја намалува вашата концентрација на часот, веројатно ќе ве предупреди или во некои случаи ќе ви го одземе телефонот и ќе повика родител.

Но, учениците од едно училиште во Кина за користење мобилни телефони на час морале да платат неверојатна казна. Имено, тие пред своите соученици биле принудени да го скршат телефонот со чекан.

На видеото што стана вирално на интернет можете да видите како еден по еден учениците ги уништуваат своите телефони. Децата во заднина се смеат, а на крајот казната ја „зачинува“ наставникот. Тој го задава последниот удар за да се осигури дека целосно е скршен мобилниот и дека учениците си ја научија лекцијата.

Откако се појави видеото, има секакви коментари. Некои сметаат дека училиштето добро постапило бидејќи проблемот со зависноста од екраните во Кина е голем и така оваа казна е во интерес на училиштето и на учениците. Други сметаат дека со ваквото казнување училиштето го принудува ученикот на уништување на сопствениот имот, ги казнува родителите, кои ќе мора на децата да им купат нов телефон, но и создава дистанциран однос меѓу училиштето и ученикот. Исто така, некои велат дека постојат алтернативни методи за спречување на користење мобилен во училницата, на пример, ставање во кутија на почетокот од часот.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот