Паметниот прстен „самсунг галакси ринг“ има цел да го поедностави животот на корисниците, а фокусот на овој нов уред од јужнокорејската компанија е на здравствените функции и иновации. По неколку најави и делумно претставување на уредот, од „Самсунг“ конечно го покажаа прстенот во физичка форма на саемот МВЦ во Барселона, откривајќи нови, но сè уште нецелосни детали за неговите можности.
Овој уред ќе биде достапен во платинесто-сребрена, златна и керамичко-црна боја, а според плановите на компанијата, би требало да се појави на пазарот во текот на оваа година. Деталите за „галакси ринг“ беа ограничени, а на некои новинари во МВЦ не им било дозволено да го фотографираат. Сепак, новите слики обезбедени од „Самсунг“ откриваат дека прстенот е конкавен по форма и сличен по големина на конкурентниот фински паметен прстен „оура“ и дека е уред кој е ориентиран кон велнес-навики. Внатре има напредна електроника и збир на (засега сè уште непознати) сензори.
Големината на прстенот нема да биде единствената опција што ќе се разликува кога станува збор за овој уред. „Галакси ринг“ ќе биде достапен во големини од 5 до 13, со ознаки за внатрешниот обем од S до XS. Заедно со нив ќе се промени и големината на батеријата, а со тоа и времето помеѓу две полнења.
Потпретседателот на „Самсунг“, Хон Пак, изјави дека прстенот ќе ја следи активноста на спиењето врз основа на отчукувањата на срцето, движењето и дишењето, нудејќи им на корисниците персонализирани совети. „Самсунг“ ќе работи со партнерот „Натурал сајклс“ за да обезбеди дополнителни податоци за плодноста, проширувајќи ја функционалноста што е веќе достапна на паметниот часовник „галакси вач“.
„Галакси ринг“ ќе понуди нова алатка наречена „Мај виталити скор“, која ја мери будноста, давајќи му на корисникот увид во целокупното здравје. Повратните информации ќе бидат достапни преку т.н „бустер картички“, кои нудат совети базирани на наука, користејќи податоци за телесната активност за време на спиењето и други податоци собрани од уредот.
„Галакси ринг“ ќе биде интегриран во екосистемот „Самсунг хелт“ и компатибилен со паметниот часовник „галакси вач“, кој ќе му овозможи на корисникот да ги користи двата уреди истовремено за да добие точни информации за своето здравје. Компанијата нагласува дека прстенот првично ќе биде компатибилен само со телефоните „самсунг галакси“, а во иднина планира да се прошири и на други уреди со „Андроид“.
Додека чекаме повеќе информации за паметниот прстен, пакетот со сензори, цената и точниот датум на издавање, компанијата ветува иновативно следење на здравјето и благосостојбата, што ќе го поедностави секојдневниот живот на корисниците.
Извор: Bechmark
Фото: YouTube screenshot/CNET