X
 29.03.2024 Технологија

„Трејнлајн“ - апликација за полесно наоѓање поволен превоз со автобус или воз во Европа

Апликациите и платформите кои овозможуваат лесно наоѓање и купување на најповолните билети за патување со различни транспортни средства не се ништо необично, а „Трејнлајн“ е уште една таква платформа. Сепак, таа е специјализирана за автобуски и железнички превоз во Европа.

Не може да се каже дека нуди нешто спектакуларно иновативно или досега невидено, но тоа не значи дека нема да ви помогне кога ќе планирате патувања до дестинации во Европа. Лесна е за користење, а започнува само со внесување на посакуваната точка на поаѓање, дестинацијата и времето на патување, заедно со други типични параметри.

По кратко пребарување ќе добиете преглед на неколку можни билети, па затоа е многу лесно да се најде најсоодветниот автобуски превоз или транспорт со воз. Потоа може да се купи билет директно од апликацијата, но не за сите превозници или пронајдени патувања, што е отежнувачка околност.

Секако, сите купени билети може да се погледнат во рамките на апликацијата, во делот наменет за тоа. Всушност, нема посебни дополнителни опции и иако ќе најдете патување со автобус за повеќето дестинации (најчесто „Фликсбус“), патувањето со воз е малку поретко. Последново особено се однесува на линиите во Хрватска, додека работите се нешто подобри кај меѓународните транспортни линии.

Инаку, апликацијата е бесплатна, а може да ја симнете од „Плејстор“ доколку користите андроид-уред и на „Еп стор“ доколку користите епл-уред.

Извор: Bug.hr

Фото: App store/screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија