Бројот на новозаразени лица со ковид-19 се зголемува во Европа, па државите преземаат построги мерки за да поттикнат повеќе жители да се вакцинираат. Некои земји размислуваат и за задолжителна вакцинација, а минатата седмица претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара дискусија помеѓу членките на ЕУ на оваа тема.
„Јуроњуз“ направи листа со европски земји во кои вакцинирањето против ковид-19 е задолжително или може да стане задолжително наскоро за сите жители или за некои сектори.
Австрија
Вакцинирањето ќе стане задолжително од 1 февруари. Земјата претходно нареди затворање за лицата што не се вакцинирани, а според австрискиот канцелар Александар Шаленберг, тоа е единствен начин да се спречат нови бранови.
Фото: Виена/Pixabay
Грција
Грција ќе почне да ги казнува луѓето постари од 60 години што нема да се вакцинираат. Овие жители ќе бидат казнувани со 100 евра месечно доколку не се вакцинираат до 15 јануари. Од септември Грција бара од сите здравствени работници да бидат вакцинирани, а од неодамна построги се мерките за движење на невакцинираните.
Германија
Пратениците треба наскоро да гласаат за задолжителна вакцинација. Олаф Шолц, кој треба да стане германски канцелар месецов, изјавил дека се надева дека пратениците ќе изгласаат задолжителна вакцинација. Целта на потенцијалната мерка е да се спречат идни бранови.
Фото: Берлин/Pixabay
Италија
Во Италија е задолжително вакцинирањето на здравствените работници од април. Од 15 декември задолжителната вакцинација ќе се однесува и на наставниците и на вработените во јавните институции, армијата, полицијата и спасувачите.
Франција
Од септември во Франција вакцинацијата е задолжителна за здравствените работници, пожарникарите и вработените во превозните компании. Луѓето со работа која вклучува контакт со јавноста мора да бидат вакцинирани или да докажат дека неодамна оздравеле од болеста или мора да се тестираат.
Обединето Кралство
Вакцините против ковид-19 ќе бидат задолжителни за здравствените и социјални работници од 1 април. Саџид Џавид, министер за здравство, изјавил дека веројатно земјата никогаш нема да донесе мерка за задолжителна вакцинација на сите жители бидејќи процентот на лица што не сакаат да се вакцинираат е низок.
Фото: Рим/Pixabay
Унгарија
Вакцинацијата е задолжителна за здравствените работници, наставниците во државните образовни установи и вработените во јавните институции.
Летонија
Земјата бара од докторите, наставниците и вработените во домовите за грижа на лица да се вакцинираат.
Други земји, како Бугарија, Швајцарија, Данска и Шведска, бараат сертификати за имунитет на ковид-19 за присуство на јавни настани и влез во ресторани.
Извор:
Euronews