X
 14.03.2019 Образование

Скандалот во САД за давање мито за упис на факултет: како функционирала шемата и кој е обвинет?

Фелисити Хофман и Лори Лаглин се меѓу 50. обвинети во шемата со која децата на актери, богаташи, тренери се запишувале на престижните универзитети со поткуп или со мамење.

За што се обвинети?


Богатите родители биле дел од најголемата измама за прием на престижните колеџи и универзитети. Тие се обвинети затоа што преку поткуп и мамење ги запишувале своите деца на елитните колеџи. Истрагата на ФБИ е наречена „Оперејшн варсити блус“.

Како функционирала шемата?

Администраторите на универзитетските приемни испити SAT и ACT биле поткупени за да дозволат некој друг да се преправа дека е студентот и да го полага приемниот испит на негово место, се вели во кривичната пријава. Во други случаи, администраторите им ги давале на студентите одговорите или ги поправале нивните грешни одговори откако тие ќе го направеле испитот.

hofman
Фото: АР


Децата понекогаш лажирале дека имаат тешкотии во учењето за да можат да ги направат испитите во објекти каде што вработените биле потплатени; родителите плаќале помеѓу 15.000 и 75.000 долари за тест за да учествуваат во шемата за мамење, која наводно била основана од Вилијам Сингер, кој водел компанија за подготовка за приемни испити наречена „Д Ки“.

Во друг дел од шемата тренерите на колеџите наводно добивале мито за да назначат кандидати како регрутирани спортисти, што им дава предност на приемните, без оглед на нивната атлетска способност, а понекогаш студентите не го ни играле спортот за кој наводно биле регрутирани. Клиентите платиле околу 25 милиони долари за Сингер, тренерите на колеџите и универзитетските администратори.  

Студент му дал примерок од својот ракопис на лицето што требало да го замени на испитот.
rakopis
Фото: US attorney's office in Boston


Кога почнало сè?

Шемата за примање мито се одвивала од 2011 година.

Кои колеџи биле вклучени?

Во шемата биле вклучени Јеил, Стенфорд, Џорџтаун, Универзитетот на Јужна Калифорнија, Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, и Универзитетот во Тексас.

Каква улога играла лажната добротворна организација?


Сингер ја основал фондацијата „Ки ворлдвајд“ како добротворна организација ослободена од данок. Плаќањата од родителите за нивните деца да учествуваат во шемата биле направени како донации на наводната организација, а фондацијата била користена и за плаќање мито на администраторите на испитите.

Со какви обвиненија се соочуваат обвинетите?

Обвиненијата вклучуваат измама преку е-пошта, рекетирање и перење пари.

Што им ветувал Сингер на своите богати клиенти?

- Им помагаме на најбогатите семејства во САД да ги запишат своите деца на училиште. Сакаат гаранции, сакаат ова да се среди - му рекол тој на клиент во еден прислушуван разговор од 2018 година.

Во друг прислушуван разговор една мајка разговарала со Сингер за плановите некој друг да ги полага приемните испити наместо него.

- Знам дека ова е лудост, знам. Мора да го примите на Универзитетот на Јужна Калифорнија и потоа треба да пронајдете лек за ракот и да создадете мир на Блискиот Исток - рекла мајката.

Момчето, кое очигледно не знаело за шемата, добило 35 од можни 36 поени на лажните приемни испити.

Како учениците се запишале на елитните факултети како регрутирани спортисти?

Во еден случај детално опишан во судските документи, во 2017 година еден родител му платил на Сингер 1,2 милион долари за неговото дете да се запише на Јеил. Фудбалскиот тренер за жени на Јеил наводно добил мито од 400.000 долари од Сингер за да ја именува девојката како регрутиран спортист - иако таа не играла фудбал, а тренерот го знаел тоа. Девојката била запишана.

Сингер создал лажни атлетски профили за учениците, пишува во приговорот, а понекогаш лажирал фотографии како тие играат спорт или ги ставал нивните лица на тела на некои други спортисти.

Како биле вмешани Фелисити Хофман и Лори Лаглин?


Хофман платила 15.000 долари за приемните испити на нејзината ќерка. Во октомври 2017 година на ќерката на Хофман ѝ било одобрено дополнително време на испитите. Во е-порака Хофман напишала: - Ура! Таа влезе. Кога советникот од средното училиште на нејзината ќерка рекол дека ќе го разгледа нејзиниот тест, Хофман напишала: - Средното училиште на мојата ќерка сака да обезбеди свој надзор.

Тие успеале да го преместат тестот во центарот за тестирање - Вест Холивуд, место кое Сингер го контролирал, каде што надзорникот им помагал на студентите да препишуваат. Ќерката на Хофман добила 1420 поени на приемните испити, околу 400 поени повеќе од поените што ги добила на прелиминарната верзија на тестот.

Лаглин и нејзиниот сопруг Мосимо Џанули се согласиле да платат мито во висина од 500.000 долари за нивните две ќерки да бидат назначени како регрути на екипата на Универзитетот во Јужна Каролина - и покрај фактот дека тие две не биле веслачи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование