X
 29.04.2022 Живот

Стипендисти „Борис Трајковски“: Школувањето во НОВА ќе ни отвори многу врати во иднина

Годинава, исто како и во изминатите 17 години, меѓународното училиште НОВА и Фондацијата „Борис Трајковски“ доделија три целосни и повеќе делумни стипендии за школување во НОВА. Прикажаните врвни резултати во процесот на селекција им донесоа целосни стипендии на три полуматурантки од Скопје, Тамара Ташковска и Касија Сентиќ-Габер од основното училиште „Димитар Миладинов“ и на Јана Кировска од приватното училиште „Јахја Кемал“. Овие ученици од следната учебна година ќе го почнат своето школување по Middle Years Programme (MYP). Toa e меѓународната програма на организацијата International Baccalaureate (IB), своевидна подготовка за Diploma Programme (DP), програма од истата огранизација која се изучува во двегодишен циклус во трета и четврта година средно образование.

- Ова е втора пандемиска генерација стипендисти. Ние во НОВА брзо се прилагодивме на новите услови на функционирање и бевме убедени дека програмата за стипендирање мора да продолжи и во овие услови. Ланскиот избор на стипендисти само нѐ охрабри дека сме го избрале вистинскиот модел на селекција, кој го применивме и годинава. Борејќи се со цела неизвесност, проектот го завршивме во планираната временска рамка и како резултат на напорна и тимска работа ги имаме учениците кои својот интелектуален и хуман капацитет ќе продолжат да го развиваат во средина и според програма која треба да им даде вештини и алатки за успешно функционирање во ова супер динамично и непредвидливо време – вели Анкица Лозановска, координатор на програмата за стипендирање „Борис Трајковски-НОВА“.

Позитивните искуства и препораките на пријателите и постарите ученици кои веќе се стипендисти или биле дел од процесот на селекција за стипендијата „Борис Трајковски-НОВА“ беа пресудни за сите годинешни добитници да се заинтересираат и да побараат дополнителни информации за оваа стипендија. Собирајќи информации, тие сфатиле дека оваа стипендија ќе им понуди ново образовно, но и животно искуство.

- Решив да конкурирам поради тоа што многу ми се допаѓа пристапот кон учењето што го негува училиштето. Исто така мислам дека школувањето во НОВА отвора многу врати за во иднина – вели Јана Кировска.


Јана Кировска

За деветтоодделенката Тамара Ташковска, главна мотивација за апликацијата била можноста во иднина да студира на некој престижен универзитет.
- Големиот број матуранти од НОВА кои го продолжуваат своето школување на престижните факултети е потврда за квалитетот на образованието што го нуди училиштето – истакнува таа.


Тамара Ташковска

За Касија Сентиќ-Габер, аплицирањето за стипендијата значи остварување на долгогодишниот сон да учи во НОВА бидејќи смета дека преку ова училиште може да ги оствари своите интереси и желби.

Процесот на селекција бил сосема ново, но многу вредно искуство за сите три, особено изработката на видео-сесеј со која првпат се соочиле. Тие сметаат дека целиот процес бил предизвикувачки од секој аспект бидејќи добиле можност покрај формалното знаење да ги покажат и личните идеи, квалитети и карактерни особини, како и креативноста, способноста за работа во тимови и поседувањето лидерски вештини и емпатија. Големиот број пријавени кандидати, стотина ученици од земјава, им бил само дополнителен мотив да се прикажат во најдобро светло. Неизвесноста постоела до самиот крај на процесот, така што веста дека токму тие се добитници на престижната стипендија ја дочекале со огромна возбуда и веднаш ја споделиле со родителите, семејството и најблиските пријатели.

Школувањето во НОВА за нив ќе биде нов почеток во учењето, другарствата и запознавањето нови култури. По првичниот период на адаптација, Јана најногу се радува на можноста за избор на предмети и на поддршката од училиштето во идниот избор на кариера, како и на многуте воншколски активности кои ги органиизра НОВА. Тамара очекува многу нови предизвици и искуства, пред сè знаење и вештини кои ќе ѝ овозможат остварување на понатамошните цели. Таа очекува дека ќе го прошири кругот на пријатели со деца од различни држави и култури, а најмногу ја радува можноста да учи на англиски јазик по современа, интернационална програма во модерно училиште. Касија, пак, очекува да ги збогати знаењата во многу полиња, да научи вештини кои ќе ги користи низ животот и да биде дел од меѓународната заедница како таа во НОВА.


Касија Сентиќ-Габер

На учениците што сакаат да се пријават за стипендијата „Борис Трајковски“, Тамара им порачува дека не треба да се задоволуваат само со знаењето што го стекнале во училиште, туку да учествуваат и во проекти и воннаставни активности од каде, освен знаење, ќе добијат и искуство и дополнителни вештини што ќе ги издвојат од останатите.

Јана вели дека подготовката за процесот на аплицирање почнува многу порано од распишувањето на конкурсот и ги опфаќа сите активности и образование на учениците до тој момент.

- Во текот на овој процес на апликантите ќе им бидат дадени сите потребни информации и треба внимателно да ги слушаат и читаат инструкциите. Најважно од се е да се искрени кон себе и другите и да се обидат да се претстават себеси најдобро што можат – вели Јана.
Советот на Касија за сите идни апликанти е дека секој што има желба да аплицира треба да проба.

- Без двоумење би рекла дека се исплаќа. Битно е во сите фази на конкурирањето да се покажеш кој си, кои се твоите мислења и да се истакнеш како личност. На моменти мора да знаеш да си ги оттргнеш сите несигурности и стресови бидејќи за време на процесот е крајно важно да си фокусиран и амбициозен – завршува Касија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот