X
 29.05.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој ја изградил Шарената џамија во Тетово?

Во оваа рубрика ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја

Таа е една од најубавите градби што ја претставуваат културата од османлискиот период во Македонија. Денес се наоѓа на пониско ниво од останатиот дел од Тетово, покрај реката Пена. Шарената џамија е единствена во светот поради надворешната декорација и орнаментите во ентериерот, исклучителен претставник на исламската верска архитектура. Поради своите архитектонски и уметнички вредности, објектот денес е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија од исклучително значење.



Шарена џамија / Фото: Wikipedia

Изградена е на крајот од 15 век, во 1495 година, но денешниот изглед го добила 350 години подоцна благодарение на Абдурахман-паша. Се претпоставува дека ремек-делото го создале мијачките тајфи кои граделе и зографисале.

На интернет-страницата на тетовската Општина има кус историјат и опис на објектот. Споменикот е репрезентативен примерок и уникатна уметничка реализација. Има специфична декорација, особено во внатрешноста. Со векови овој објект ја чува својата верска, воспитно-образовна и културна функција.

Композициски, Шарената џамија се состои од сала на молитви, хајат, минаре, турбе, чешма со знаци над гробови. Сите се опкружени со ѕид изграден со отвори - мукаби и покриен со ќерамиди. Главниот влез во дворот на џамијата е на запад, но постојат уште два влеза, на југоисток и на северната страна.


Во внатрешноста има форма на квадрат. Молитвената сала има уникатна големина и е покриена со кубе, кое се осветлува со триесет прозорци поставени 15 во долниот и 15 во горниот дел. Декорацијата е нешто посебно. Ѕидовите се украсени со низа геометриски и флорални мотиви. Турбето е составен дел од комплексот. Изградено е во 16 век, од видот на отворено турбе.

Дел од внатрешната декорација / Фото: Wikipedia

Според одлуката на Управата за заштита на културното наследство, комплексот е прогласен за објект од исклучително значење поради „својата архитектонска, градежничка, историска, уметничка и документарна вредност“. Во продолжение пишува дека објектот е посебен по својата автентичност, единственост, разновидност, интегралност, зачуваност, старост и припадност. Поради културната и техничката функција, Шарената џамија е објект со културно, историско, уметничко и техничко значење, изразено преку нејзината градба, архитектонската концепција и функционалната просторна организација, стилските влијанија и декоративните елементи на фасадите, како и зачуваната живописна и уникатна внатрешна декорација.
 - Питорескно е изведена со безброј стилизирани флорални, геометриски мотиви и арабески во ентериерот и е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на општествено-економските и културно-историските услови во нашата земја - пишува во одлуката.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема