„Уметност денес – културно наследство утре“ е темата на 8. Меѓународно биенале на мала графика кое вечерва во 19 часот ќе биде отворено во Музејот на тетовскиот крај. Ќе бидат изложени 300 графики, изработени од 125 графичари и од 33 земји од сите континенти. Најголем дел од изложените дела се изработени во класичните графички медиуми: сува игла, акватинта, мецотинта, линорез и линогравура, а неколку автори реализирале дигитален печат.
- Му посакуваме на биеналето, уште долго да трае, да расте и да се надградува уште многу години – вели жирито составено од Гордана Велков, историчар на уметност, Славица Јанешлиева-Бачварска, ликовен уметник и професорка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Ивана Настески и Бурхан Ахмети, графичари и Велимир Цветановски, виш кустос.
Според Велков, графичарите одговориле на темата. Повеќето од нив во класичните техники, а неколкумина во дигитална техника.
- Наспроти глобалната мегаломанска слика за супериорноста на човекот и илузионистичка претстава на човештвото што би требало да биде возбудлива, уметниците прикажаа содржини карактеристични за своите земји кои се веќе опфатени со дефиницијата за културно наследство. Повеќето од графиките се излеваат од малиот стандардизиран правоаголен формат и со неправилната мала форма наликуваат на прекрасни експресивни илуминации – вели таа.