X
 19.12.2018 Образование

Втор ден протести на тетовските студенти: Не сме приватно претпријатие за да богатиме кланови и поединци

Тетовските студенти и денеска излегоа на протести, порачувајќи уште еднаш дека сакаат исполнување на нивните барања за поквалитетно образование. Протестот почна во 13 часот на градскиот плоштад, каде што десетици студенти свиреа и држеа транспаренти преку кои го искажуваа својот револт.

На вториот ден од протестите студентите им дадоа рок од една недела на универзитетите и на Министерството за образование за исполнување на нивните барања. Студентите им порачаа на надлежните да покажат знак на сериозност дека планираат да ги исполнат барањата, а доколку не се случи тоа, тие велат дека протестите нема да бидат едночасовни, туку 24-часовни.

Министерството за образование вчера излезе со соопштение во кое беше наведено дека будно се следи ситуацијата во Тетово, но и дека Министерството не било официјално известено за барањата на студентите. Истовремено, од Тетовскиот универзитет истакнаа дека никогаш не се двоумеле и дека нема да се двоумат да го слушнат гласот на студентите, додека пак од Универзитетот на Југоисточна Европа истакнаа дека заедно со студентите можат да третираат, односно да постапат по 2-3 елементи од листата со барања, но не прецизираа кои се тие.

Студентите денес дадоа одговор на овие реакции.

- Да ги исполнат барањата, а не да коментираат - порачуваат тие.

Тетовските студенти истакнаа и дека универзитетите треба да бидат во служба на студентите, а не на политичките партии.

- Не сме приватно претпријатие за збогатување на одредени кланови и поединци - велат тие.

Тука можете да ги прочитате првичните барања на студентите, кои сега се само структурно изменети, но суштината е иста.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование