X
 29.05.2020 Наука

Кои се најголемите полуострови на континентите? Трет дел – Северна Америка

Северна Америка е дел од големото американско копно, кое се наоѓа на западната хемисфера. Северна Америка започнува од Панама и Панамскиот Канал на југ и се протега до Северноледениот Океан на север. На исток широко излегува на водите на Атлантскиот Океан, а на запад е заграден со Тихи Океан.

Северна Америка е третиот најголем континент на Земјата, има површина од околу 24 милиони km2 или околу 16 % од копнената површина. Континентот се одликува со контрастна брегова разграденост. Северниот брег е особено разгранет, истиот е претставен со голем број на острови, островски групи, заливи и два големи полуострови, како што се полуостровот Алјаска и полуостровот Лабрадор.

Западниот брег е еден од најслабо разгранетите, тука се истакнува само полуостровот Калифорнија.

На јужниот брег се наоѓаат два поголеми полуострови, полуостровот Флорида, кој е обиколен од сите три страни со водите на Атланскиот Океан и полуостровот Јукатан, кој е обиколен со водите на Атланскиот Океан и Карипското Море.

Источниот брег исто така е слабо разгранет - на овој брег забележителен е полуостровот Нова Шкотска.

Фото: Pixabay

Од сите наведени полуострови, најголем е полуостров Алјаска. Овој полуостров се наоѓа во северо-западните делови на континетот и е обиколен со водите на Тихиот Океан на југ, Беринговото Море на запад и Северноледениот Океан на север. Овој полуостров со својот југозападен дел ги одделува Тихиот Океан и Беринговото Море.

Полуостровот Алјаска е петтиот најголем полуостров во светот со вкупна површина од околу 1.700 000 km2. Тој претставува дел од „огнениот прстен“ на Пацификот, кој е познат по своите вулкани. Алеутскиот регион е изразито активен вулкански планински масив, кој се простира по целата југозападна должина на полуостровот Алјаска.

Релјефот на овој полуостров е претежно планински, претставен со високи планини на кои се наоѓа и највисокиот врв на Северна Америка, а тоа е врвот Мек Кинли, висок 6.194 метри.

Низ овој полуостров течат повеќе реки, а најдолга и најзначајна е реката Јукон. Полуостровот Алјаска има голем број на широко распостранети диви и недопрени територии, од кои дел се заштитени. На полуостровот се наоѓаат националниот парк Катмаи, заштитеното подрачје Бечароф и заштитеното подрачје Изембек.

Овој регион е дом на голем број на кафени мечки, кои во голем дел се хранат со рибата со лосос. Оваа риба е позната по нејзината миграција за време на мрестот, истата во тој периот се движи од морските води кон бистрите плански реки. Полуостровот е богат со рудно богатство и тоа најмногу со: злато, сребро, бакар, платина, олово, ураниум и др.

Поради климатските услови и местоположбата која ја има овој полуостров е ретко населен и има околу 750 000 жители. Инаку, втор најголем полуостров во Северна Америка е полуостровот Лабрадор, со површина од околу 1,400,000 km2.


Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Извор: igeografija.mk
Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука