X
 29.05.2024 Наша тема

Кога бев студент со режисерката Софија Ристевска-Петрушева: „Приемниот испит во Софија ни дозволија да го полагаме на мајчин, македонски јазик“

Тоа што бевме Македонци беше привилегија за нас. Учевме во уметнички средини каде што луѓето немаа предрасуди. На прсти се броеја случаите кога некој ми рекол нешто затоа што сум Македонка. Напротив, бевме одлично прифатени, ни сподели Ристевска-Петрушева.

И по дваесет години од дипломирањето, познатата македонска режисерка Софија Ристевска-Петрушева вели дека ги чува спомените од студентските денови. Откако во 1998 година ја одбиле при уписот на ФДУ во Скопје, желбата да не се откаже од студии по режија ја однела во Бугарија. Со просек 9,18 дипломирала на отсекот театарска режија на Националната академија за театар и филм „Крсто Сарафов“ во Софија. Вели дека подобар избор не можела да направи учејќи го театарскиот занает во земја која има долга театарска традиција и во град каде што има над 10 театри и големи можности секојдневно да се гледаат претстави. Подоцна магистрирала сценски дизајн на Универзитетот на уметностите во Белград, Србија.

Ме одбија во Скопје, па се запишав на студии во Бугарија

Во својата дводецениска кариера има режирано четириесетина театарски претстави во Македонија и низ Балканот, во дел од нив таа е автор и на сценографијата, член е на жири на театарски фестивали, основач на „Интимен театар“, на школата за глума „Фабрика за мечти“, режисер во Народниот театар - Битола, работи на видеопроекции, стендап-комедии... Но, најпрепознатлива е по женските теми што ги поставува на сцена и документарниот театар.



- Конкурирав да студирам режија во Скопје во 1998 година, веднаш по завршувањето на средното училиште, но не ме примија. Потоа заедно со колегата Дејан Пројковски заминавме на Националната академија за театар и филм во Софија каде што нѐ примија. Приемен испит имавме, но не полагавме заедно со бугарските, туку со другите странски студенти. Ни дозволија да го полагаме на македонски јазик, а на другите им обезбедија преведувачи. Тоа што бевме Македонци беше привилегија за нас. Учевме во уметнички средини каде што луѓето немаа предрасуди. На прсти се броеја случаите кога некој ми рекол нешто затоа што сум Македонка. Напротив, бевме одлично прифатени - раскажува Ристевска-Петрушева.

Нѐ учеа да го фатиме поттекстот во претставите

Дипломирала во класата на познатиот бугарски режисер Красимир Спасов, од кој можела да научи да го фаќа поттекстот на текстовите податливи за театарски претстави.

- Нашиот професор Красимир Спасов, прекрасен режисер, со големо искуство и разбирање на театарот, нѐ оставаше да ги развиваме нашите индивидуалности, се залагаше да бидеме слободни, да развиваме сопствени естетики, ни го предаде занаетот на режијата. Спасов нѐ учеше да го интерпретираме текстот, да го разбереме контекстот, да го фатиме поттекстот. Ректорот, професорот Руков, кој во тоа време ни предаваше сценски движења, велеше: „Ние, Академијата и над нас е само Бог“. И ние како режисери имавме испит за актерска игра, се гледаше дали умееме да глумиме, да пееме, да танцуваме, за да бидеме еквивалентни со актерите - вели режисерката.



Најстресни биле испитите по режија поради кои се губело година

Студирањето режија барало голема посветеност, труд и упорност, како што раскажува Софија, за неа и Пројковски, кои биле само 18-годишници кога се запишале, а колегите им биле повозрасни. Во Бугарија се практикувало студентот пред да учи режија, да има дипломирано нешто друго. Најстресни биле испитите по режија, за кои немало преполагање и се губела годината, односно класата. Како најсреќен момент го издвојува оној во четврта година кога професорот кој знаел оценките да ги пишува во децимали ѝ ставил шестка (како кај нас 10) за нејзината пиеса „Лекцијата“ од Ежен Јонеско. На крај дипломирала со претставата „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски изведена во Општинскиот театар „Љубомир Кабакчиев“ во Казанлак, Бугарија. Претставата учествувала и на Охридско лето и на Млад отворен театар во 2004 година.

- За еден студент да биде успешен, важно е да биде упорен. И секогаш да сака да научи малку повеќе. Да има љубов кон она што го студира. И да не се откажува зашто многу препреки има во студирањето. Никако да не се демотивира - порачува Софија.



Со студентска книшка бесплатно можеле да гледаат претстави во цела Софија

Инаку, бугарската метропола Софија ја доживеала како град со многубројни театарски можности. На главната театарска улица „Ѓорги Раковски“ имало над 10 театри, а парите што државата ги издвојувала за правење претстави биле многу поголеми отколку кај нас. Студентите, пак, со студентските книшки можеле бесплатно да ја гледаат која било претстава. Соработувале со колегите режисери и оние што студирале актерство, а покрај учењето, имале и забавен живот со многу журки и дружби. Контактите што ги изградила тогаш остануваат до денес.

- До денес не сум ја напуштила Софија. Имам мал стан таму и редовно се враќам. Овој јуни започнувам и проби за претстава која ќе биде копродукција меѓу „Интимен театар“ и Независна културна организација „36 мајмуни“. Јас ќе бидам актерка од македонска страна, Здрава Каменова од бугарска, а режисерка е Ѓергана Димитрова, колешка од студентските денови од Бугарија. Тоа е копродукцијата „Ајвар или лутенка“ со цел да ги прикаже сличностите и разликите во јазиците на двете држави. Уште еден проект е на повидок меѓу Народен театар Битола и Драмски театар „Сава Огњанов“ од Русе насловен како „Градовите што ги сакаме“ - вели Ристевска-Петрушева.



Македонските режисерки се оставени на маргините, без доволно простор за да работат

Според неа, во европските земји позицијата на жените режисери е поповолна отколку во Македонија, каде што смета дека тие се на маргините, без да добијат доволно простор за да режираат.

- Сакам да раскажувам женски приказни, да прикажувам како општеството ја притиска жената, ѝ става норми, како таа се бунтува против нив. Во Бугарија отсекогаш имало режисерки, имаат право на работа, театрите се солидарни кон нив, што не е случај кај нас. Нашите театри воопшто не се солидарни со режисерките, нема интерес жени да режираат, тие се тотално изоставени и на маргините. Моето искуство со македонските театри воопшто не е сјајно, туку е мачно, поточно со директорите кои нѐ ангажираат да влеземе и да правиме претстави. Жената режисер во Македонија тотално е оставена на маргините, зборувам од моја гледна точка, а не во името на сите колешки. Жената воопшто нема простор во македонскиот театар. Се лактаме за да добиеме каков било простор - вели Софија.

Активно работи и на документарен театар, имаше претстави во кои учествуваа и своите приказни ги раскажаа жени болни од рак на дојка, а сега е посветена на театар со стари лица. Во Старскиот дом „Софија“ во Битола има околу 50 штитеници со кои заедно прават театарски претстави, во кои тие изведуваат драмски минијатури преку кои се раскажани нивните животни приказни. Целта е документарниот театар да се искористи како алатка за подобрување на животот на старите лица во државата.



фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема