X
 03.01.2025 Наша тема

По скалилата на успехот со Ана Јовковска: „Не сакам да пливам со сензационалистички ајкули, не сакам да симплифицирам и да правам компромис со вредностите и квалитетот“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

- Мојата динамична природа бара предизвици кои не се ограничени во рамки, во четири ѕида, во статус кво, но да се откорнеш од една професија и да се засадиш во нова носи ризик, ама и радост. Ти дава еден нов агол на гледање на професионалните работи, една свежа перспектива. Секогаш ме плашеле зачмаените средини, конзервативните заедници и лажните хиерархии. И кога и да почувствував дека во некоја средина повеќе не можам да растам и да летам, добивав потреба и храброст за промена, вели Ана

Ана Јовковска е научен истражувач, докторанд на културолошки студии, магистер по културолошки студии, дипломирана новинарка, авторка, колумнистка, ТВ-уредничка и специјалист за односи со јавност. Авторка е на седум книги: „Пулсот и времето“, „Ехо на слободата“, „Сакам, значи постојам“, илустрирана книга за деца „До небото и назад“, „Емотивен талог“, „Уметноста на дијалогот“ и илустрирана книга за деца „Љубов во топка“.



Од 2021 година Јовковска е вработена како научен истражувач во Институтот за македонска литература во Скопје при УКИМ.
Со Ана Јовковска се присетуваме на нејзините студентски денови, предизвици, студентски пориви…

- Се стресов кога помислив колку години поминале од моето дипломирање. Пред 20 години дипломирав на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Но, новинарството е многу повеќе од диплома. Тоа е повик, страст, импулс, болка во стомакот… Одлуката за тоа што ќе студирам не ја донесов лесно. Долго бев убедена дека мој избор е психијатријата и Медицинскиот факултет, а се мислев и за филозофија, психологија и книжевност. Сепак, цврсто сум убедена дека инстинктот добро ми проработи и дека го направив најдобриот избор за мене во тој момент. Уште од првиот ден на студиите по новинарство имав можност занаетот да го учам и практично преку секојдневната работа во медиум, конкретно во телевизија - ни споделува Ана.



20 години работа во телевизија

На 19 години таа ја постави својата авторска емисија „Фикс-идеја“ во ТВ Сител, а по дипломирањето доби понуда да биде уредничка на Утринската програма.

- Тоа, всушност, беше клучната раскрсница во мојот живот бидејќи во исто време, со самото дипломирање како најдобар студент на генерацијата, добив понуда да останам на Правниот факултет и да работам како асистент, односно демонстратор. Нешто ми велеше дека медиумите се мојот пат. И така испадна бидејќи телевизијата ми беше голема љубов цели 20 години, уште од дете. Се вработив во ТВ Сител (претходно таму работев хонорарно) и бев меѓу најмладите уредници на свои 23 години, што беше голема можност и привилегија, но и одговорност. Следен важен чекор за моето образование беше запишувањето на постдипломски студии по Комуникации на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Можноста да учам од професори како Иван Џепароски, Антоанела Петковска, Горан Јанев и други беше одлична. Третото и најдраго скалило во моето образование се случи со вторите постдипломски студии по Културолошки студии на Институтот за македонска литература, исто под УКИМ. Ама на љубопитството и на желбата за учење им нема крај, па кога магистрирав, добив желба да запишам и докторски студии. И така се случи - додава Јовковска.



На прашањето со што сѐ е пополнета нејзината биографија низ годините, таа ни дополни.

- Ќе почнам од последново. Со станувањето докторанд на Културолошките студии пред три години се вработив во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тоа значеше уште подлабоко нурнување во научноистражувачките води. Но, ова што сум денес се должи на тоа што бев секој ден изминативе 25 години. На длабоко заривање нокти во образованието, медиумската работа, културните политики. На искуството со многу различни проекти и истражувања од областа на културологијата, комуникологијата, медиумското образование, родовите студии и креативните индустрии. Транзициите беа неопходни на тој пат. Човек што не се менува, не расте. Мојата динамична природа бара предизвици кои не се ограничени во рамки, во четири ѕида, во статус кво, но да се откорнеш од една професија и да се засадиш во нова носи ризик, ама и радост. Ти дава еден нов агол на гледање на професионалните работи, една свежа перспектива. Секогаш ме плашеле зачмаените средини, конзервативните заедници и лажните хиерархии. И кога и да почувствував дека во некоја средина повеќе не можам да растам и да летам, добивав потреба и храброст за промена. Интересно, а богами и математички прецизно, работните циклуси ми беа на седум години – седум години во Македонска телевизија, седум години во Сител телевизија, седум во ТВ Алфа, потоа седум години фриленсерска и консултантска работа на разни проекти наши и меѓународни, неколку медиуми – печатени и портали. Во овој нов циклус, кој го започнав пред три години со работата на Универзитет, можеби ќе останам и подолго, којзнае. A има и една друга работа поврзана со бројот седум - тоа се моите седум издадени книги. Но, ако треба да одговорам во што најмногу уживам – дали е тоа книжевноста, пишувањето, новинарството - интервјуата како посебна форма или колумните што ги пишував исто така во континуитет од седум години или, пак, сцената - модерирањето на јавни настани, конференции, панел-дискусии, промоциите на книги, обуките што ги држев по комуникациски вештини или можеби научната работа… тогаш најискрениот и најдипломатски одговор е ПИШУВАЊЕТО! - истакнува Јовковска.



Наградувана за најдобар ТВ-проект

Нејзините први работни обврски се во МТВ во тогашниот „Пулси-квиз“ во образовната редакција на телевизијата, кога сѐ уште била малолетна, а за прво работно искуство ја посочува работата во ТВ Сител паралелно со студиите по новинарство.

-Во исто време се случи и да се заљубам на работното место во еден од снимателите со кој потоа теравме врска уште седум години. Беше тоа едно интересно патешествие. Кога работиш во телевизија, да се биде во врска со директор на фотографија беше секојдневно надмудрување и борба. Мојот сопруг, пак, со кој веќе 15 години сме заедно, е филмски режисер, но за среќа со него вешто избегнавме да го мешаме приватното и професионалното - се присетува Ана.



Она што ја истакна Ана Јовковска како име е авторската емисија „ПУЛС“ што копродукциски прво ја почна во „Сител“, а потоа доби понуда за работа во ТВ „Алфа“, па ја продолжи таму.

- Оваа дебатна емисија од 2007 година се емитуваше во најгледаните „прајм-тајм“ термини и речиси една декада ги анализираше социо-културните феномени на денешнината. Како авторка и продуцентка на емисијата, имав премногу тикви под мишка. Новинарската работа ми беше само мал дел од целиот продукциски колач. Тој период работев и за викенди, со заглавувања до доцните часови во студио и во монтажа. Неколкупати бев и наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија. Но официјалните награди ми значеа помалку од искрениот фидбек на публиката. За жал, медиумската екологија сè повеќе се загадуваше и во еден момент сфатив дека не сакам да пливам со сензационалистички ајкули, дека не сакам да се шиткам за политички поени, дека не сакам да симплифицирам заради рејтинзи, дека не сакам да правам компромис со вредностите и квалитетот и решив да си заминам од македонското медиумско мочуриште. Беше процес и одлука која ми беше тешко да ја донесам по 20 години во континуитет работа во телевизија, голем дел од времето на уреднички позиции. Веднаш по отказот кој го дадов, ја објавив мојата прва книга. Така почна една нова авантура со книгите, како и двете сликовници за деца, за денес да ја подготвувам мојата осма книга што треба да излезе следнава година - споделува нашата соговорничка.



Неостварена желба ми е креативен документарен филм

Денес, примарниот работен ангажман ѝ е научноистражувачката работа во Институтот за македонска литература, објавување научни трудови во наши и во меѓународни научни списанија, учество на конференции и разни проекти.

-И секако, за мене, новиот предизвик да се работи со студенти на нашите Културолошки студии (постдипломски и докторски) на кои предаваат извонредни професори како Ана Мартиноска, Гоце Смилевски, Наташа Аврамовска, Александар Прокопиев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Соња Стојменска-Елзесер, Дарин Ангеловски, Лорета Георгиевска-Јаковлева и многу други (ќе фати многу место да ги набројувам сите колеги). Преостанатиот дел од енергијата ја канализирам кон пишувањето – годинава ми излегоа две книги „Уметноста на дијалогот“ (ИМЛ) и илустрираната книга за деца „Љубов во топка“ (Едиција Светулка). Во оваа фаза од кариерата веќе можам прилично селективно да одбирам кои фриленсерски експертски ангажмани ќе ги прифаќам и кога станува збор за концепти и сценарија, комуникациски стратегии, модерирања на панел-дискусии, трибини, промоции... или што и да е. Ако се работи за кауза што ми е важна, немам дилема дали треба да дадам придонес - дополнува Ана.



Најголема мотивација и инспирација за да успее во животот, во кариерата, вели дека се нејзините родители.

- Нивниот ветер во крилјата. Нивната безрезервна доверба и поддршка. И секако мојот партнер/сопруг. Неговата љубов. А, денес, мотивацијата и поттикот секојдневно доаѓаат од и за моето осумгодишно дете. Сакам да бидам пример за добар човек токму за него! Завршувањето на докторатот во полето на родот и траумата во книжевноста, филмот и популарната култура ми е една од најважните преокупации за следниов период. Подготвувам и нова стручна книга која треба да излезе во 2025 година. А неостварена желба ми е - креативен документарен филм! Како да светка од некоја моја иднина - подвлекува Ана.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема