X
 29.05.2024 Наука

Во вселената лансиран сателит кој ќе ги проучува облаците и климата

Лансиран сателит кој ќе ја набљудува внатрешноста на облаците за да направи попрецизни временски прогнози и климатски предвидувања

Сондата „Ерткер“ полета на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс екс“ од вселенската база Ванденберг во Калифорнија. Ова летало ќе им помогне на научниците да разберат каква улога играат облаците и аеросолите, како што се прашината и чадот, во загревањето и ладењето на атмосферата на Земјата.

Сателитот ќе ја мери и радијацијата што ја емитува планетата.

Податоците од „Ерткер“ би можеле да помогнат во ублажувањето на заканите од глобалното затоплување, велат експертите.

Тоа е замисла на професорот Ентони Илингворт од Универзитетот во Рединг, кој го дизајнира леталото пред повеќе од 30 години.

Проектот беше прифатен од Европската вселенска агенција во 2004 година, а подоцна стана заедничка мисија со Јапонската вселенска агенција „Јаксa“

Облаците играат витална улога во контролирањето на температурата на планетата со тоа што ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената и ја задржуваат топлината. Но, малку е познато како тие го водат климатскиот систем на Земјата.

Се очекува тригодишната мисија, која чинеше повеќе од 800 милиони евра, да даде одговор на некои од овие прашања.

Сателитот тежи нешто повеќе од два тона и е долг повеќе од 17 метри. На него има четири инструменти кои детално ќе ги анализираат структурите на облаците, ќе фотографираат и ќе мерат колку топлина од Сонцето е заробена од облаците.

Откако ќе биде лансиран, леталото ќе орбитира околу Земјата на секои 90 минути на надморска височина од околу 400 километри.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука