Сателитската компанија „Диш нетворк“ беше казнета со 150.000 долари поради неправилно отстранување на еден од нејзините вселенски сателити. Ова е првпат американските федерални регулатори да издадат ваква казна.
Федералната комисија за комуникации (FCC) во понеделникот објави дека ја завршила истрагата за „Диш“, што резултирало со парична казна и прифаќање одговорност од страна на компанијата.
- Ова е прва одлука на Комисијата за вселенски отпад, која ги засили напорите за регулирање на сателитите - се вели во соопштението на Федералната комисија за комуникации.
Компанијата одговори со изјава дека сателитот е постар вселенски брод (лансиран во 2002 година) кој е експлицитно изземен од правилата на Комисијата кои бараат минимална орбита за отстранување. Од „Диш“ велат дека Комисијата не поднела никакви тврдења дека сателитот претставува опасност и тие како компанија имаат долго досие за безбедно летање со голема сателитска флота и сериозно си ги сфаќаат одговорностите.
Орбита за отстранување е орбита до која се отстрануваат деактивираните сателити за да не се судрат со оние што сè уште работат.
Вселенскиот отпад станува сѐ поголем проблем за сателитските оператори. Се проценува дека има речиси 700.000 парчиња ѓубре подолги од еден сантиметар во орбитата на Земјата. Тие може да претставуваат ризик од судир со активни сателити, Меѓународната вселенска станица или други парчиња отпад, што дополнително го влошува ризикот од судири во вселената.
Истрагата на Комисијата за „Диш“ се фокусира на сателитот наречен „Екостар-7“, кој во 2002 година беше лансиран во геостационарна орбита, поле во вселената што започнува на околу 36.000 километри над Земјата.
Комисијата одобри план за деактивирање во 2012 година за да се осигури дека сателитот ќе се повлече на околу 300 километри над неговото оперативно поле, ставајќи го нефункционалниот сателит во орбита на гробиштата, каде што нема да претставува ризик за другите активни сателити. Но, „Диш“ не ставила доволно гориво на сателитот за да го овозможи тој потег. Наместо тоа, „Екостар-7“ остана мртов во орбитата на околу 122 километри над активните области во геостационарната орбита.
Извор:
CNN
Фото:
Wikipedia