X
 29.05.2026 Живот

Нов едноставен тренд од Холандија што го смирува умот за десетина минути

Во свет што диктира сè побрзо темпо на животот, жителите на Холандија практикуваат едноставен ритуал што им помага да забават, да се свртат кон себе и кон природата.

Станува збор за набљудување на зајдисонцето и уживање во самракот.

Враќање кон заборавена навика

Оваа практика некогаш била дел од секојдневието, особено во руралните средини. По завршувањето на работата, семејствата се собирале и заедно го следеле постепеното повлекување на светлината. Тој премин не бил само крај на денот, туку и јасен момент за одмор и дистанцирање од обврските.

Со текот на времето, ваквиот ритам почнал да исчезнува, животот станал побрз, а вечерите се исполниле со обврски и технологија.

Некои ќе речат: „Па и ние го гледаме зајдисонцето“, и тоа е точно. Но разликата е во тоа што тука станува збор за редовна и свесна практика, која носи мир кога се повторува, слично како медитација.

Што е „даскинг“ (англ.„dusking“)?

Идејата за свесно набљудување на самракот, позната како „даскинг“, ја поттикнала холандската писателка Марјолајн ван Хемстра, истражувајќи древни обичаи поврзани со ноќта и темнината.

Во разговори со луѓе таа открила дека многумина имаат спомени од родители или баби и дедовци кои практикувале токму вакви тивки моменти на крајот од денот. Денес, таа организира заеднички набљудувања на самракот, најчесто на места далеку од светлосно загадување.

Набљудувањето на самракот може да се прави речиси секаде - во градски паркови, покрај вода, на планина и во село. Не се потребни никакви посебни услови или опрема, доволно е да седнеш и да ги следиш промените: боите на небото, постепеното исчезнување на формите и тивкото смирување на звуците.

Слични практики постојат и во други култури, иако под различни имиња. Во Јапонија самракот е инспирација за уметност и музика, на Бали постои обичај на свесно дочекување на зајдисонцето додека во нордиските земји вечерниот мир има важно место во секојдневието.

Заедничко за сите овие примери е забавувањето и преминот од активност кон смиреност.

Магијата на темното небо

Посебно доживување носи набљудувањето на самракот во области каде што природата е зачувана и нема вештачко осветлување. Националните паркови и т.н. „резервати на темно небо“ овозможуваат непречено следење на преминот од ден во ноќ.

Токму на вакви места се организираат настани што ги поттикнуваат луѓето повторно да се поврзат со природата и темнината.

Едноставноста како клуч

Кога подолго време се гледа истата глетка, почнуваш да забележуваш детали што инаку би ги пропуштил - промените во светлината, движењето на птиците, постепеното исчезнување на звуците.

Во практика „даскингот“ трае колку што трае самракот. Нема правила, нема цели и токму во таа едноставност лежи неговата сè поголема популарност.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот