X
 29.06.2021 Живот

Се чувствувате чудно без маска? Психолог советува како да се вратите во „нормален“ живот

Носењето маска за лице стана нешто природно за луѓето за време на пандемијата. Но, како што државите го укинуваат задолжителното носење маски и како што повеќе луѓе се вакцинираат, голем дел од луѓето ги оставаат маските дома.

Сепак, за многумина одењето без маски во јавноста и преминувањето кон старото „нормално“ прави да се чувствуваат вознемирено, непријатно и анксиозно.

Постои психолошка причина зошто се чувствувате така, вели Дејвид А. Москович, професор по психологија на Универзитетот во Ватерло. Неодамнешното истражување на Москович открило дека протоколите за носење маски за време на пандемија всушност ги зголемува борбите со социјалната анксиозност.

Социјалната анксиозност се карактеризира со интензивен, постојан страв да не ве следат и судат другите луѓе, според Националниот институт за ментално здравје. Луѓето со социјална анксиозност имаат тенденција да бидат навистина загрижени за однесувањето на начини што се во согласност со општествените норми.

- Излегувајќи од пандемијата, можеме да забележиме дека нивото на анксиозност за интеракција со луѓето е малку повисоко од нормалното. На пример, може да почувствувате како вашите социјални вештини малку за'рѓале или да се чувствувате самосвесни за повторно дружење без маски - вели тој.

Социјалните норми и очекувања брзо се менуваат со отворањето на државите, па затоа е природно да се чувствувате несигурни за новите правила.

maska
Фото: Freepik

- Луѓето со социјална анксиозност најверојатно ќе доживеат обновен страв и вознемиреност за непријатно или несоодветно однесување (на пример: „Дали треба да носам маска тука?“, „Дали е во ред да се води разговор од толкава близина“?) - вели Москович.

За луѓето кои се борат со социјална вознемиреност, паузата од социјалните обврски и покажувањето на вашето лице на јавно место можеби дава утеха. Освен што маската служеше како заштита од ковид-19, таа служеше и како безбедносно ќебе што ослободува некои од „социјалните притисоци што доаѓаат со страв од изложување на недостатоци во изгледот или знаци на анксиозност - велат авторите на истражувањето.

Оваа социјална вознемиреност е дополнета со фактот дека живеевме во неприроден период на присилно избегнување, вели Москович. Со други зборови, да се биде заглавен дома и изолиран од другите имитира избегнување, што е вообичаен механизам за справување со анксиозноста.

Избегнувањето и вознемиреноста имаат тенденција да одат рака под рака.

- Ако избегнуваме работи што нѐ вознемируваат, за нас тоа може да доведе чувство на олеснување на краток рок, но само ќе доведе до поголема вознемиреност на долг рок.И, ако се чувствуваме сѐ повеќе и повеќе вознемирени, ќе ни биде сè потешко и потешко да го надминеме тоа избегнување - вели Москович.

Иако на почетокот може да биде непријатно, Москович сугерира да се натерате себеси да учествувате во социјални ситуации што е можно повеќе отколку да продолжите да ги избегнувате.

- Кога ќе добиете чувство дека сакате да избегнете одредена ситуација, соберете храброст да се натерате да влезете во ситуациите што сакате да ги избегнете и да се соочите со вашата вознемиреност - вели Москович.

Освен што планирате средба со пријателите, договорете се и со колегите и познаниците за да се вратите на старите навики, советува тој.

- Обидете се да бидете пријателски настроени воспоставувајќи контакт со очите и смеејќи им се на луѓето. Правете ги овие работи секој ден за да не се вратите на нивно избегнување. Ќе откриете дека ќе станат сè полесни и полесни - советува Москович.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот