Од тобогани и екстремни спортови до страшни филмови и опседнати куќи, многумина од нас го сакаат чувството на страв. Срцето ни чука, дланките ни се потат, а сепак поради некоја причина уживаме во тоа. Зошто сакаме да чувствуваме страв?
Според психологот Малколм Шофилд, сето тоа се сведува на еволуцијата, биологијата и општеството. Имено, нашиот биолошки одговор на чувството на страв инстинктивно се развивал во текот на илјадници години со цел да нè подготви за ситуации опасни за живот. Иако историски можеби тоа биле борби со животни или други опасни ситуации, денес заканите се многу помали, но нашиот биолошки одговор сè уште постои.
Постои и аргумент дека поп-културата нè условува да мислиме дека мора да се соочиме со опасност за да изгледаме силни. Тука е и напливот на адреналин што го доживуваме кога сме во паника, што може да создаде зависност. Сите овие работи придонесуваат да чувствуваме задоволство кога се плашиме.
Гледајќи хорор-филм или влегувајќи во опседната куќа, допираме до длабоко вкоренети човечки инстинкти и го надминуваме стравот пред нас. Ова подоцна го поттикнува мозокот да ги ослободи чувствата на добра волја како начин да нè награди за преживувањето. Сепак, премногу уживање во опасност, особено кога е реална, може да укаже на психопатија и екстремно ризично однесување.
Д-р Шофилд, кој се специјализира за паранормални верувања, религиозни верувања и духовност, вели дека уживањето во страв зависи од тоа колку е „реална“ ситуацијата.
- Гледањето хорор-филм е страшно, но не сте во опасност. Ако се занимавате со екстремен спорт, како скокање со падобран, постои поголема опасност, но повторно, ако сè е безбедно, големи се шансите дека ќе бидете добро и сè уште е пријатно. Меѓутоа, во непредвидлива, опасна ситуација која доаѓа од никаде, стравот што го доживувате е помалку пожелен - вели тој.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Freepik