X
 29.06.2023 Економија

Никој не сака да ја работи најплатената професија во ЕУ

Контролорите на летање во Европа се значително постари од нивните колеги на другите континенти. Нема кој да ги замени луѓето што се пензионирале во последните години бидејќи тешките и долги обуки, нефлексибилното работно време и подобрите можности на пазарот на трудот ги оддалечуваат младите од оваа некогаш посакувана професија.

На ниво на ЕУ има недостиг од 700 до 1.000 контролори на летање, открива Фредерик Делеу, потпретседател на Меѓународната федерација на контролори на летање. Младите не ја сакаат оваа професија, а повеќето од нив се откажуваат кога ќе видат дека треба да поминат две до три години во специјалистичка обука. Програмата за обука ги носи младите работници низ теоретска настава, работа на симулатор и дополнителна обука на аеродромот.

Освен тоа, секој што сака да биде контролор на лет мора да исполнува и строги критериуми, да биде целосно здрав, со одличен вид и слух и да има одлично познавање на англиски јазик и математика. Дополнително, кандидатите не смеат да бидат постари од 27 години и мора да имаат завршено високо образование.

Проблемот е уште поголем поради истовременото пензионирање на многу контролори во Западна Европа, па преостанатите работници мора да работат повеќе часови.

- Не можеме да бараме од луѓето да работат 12 часа, шест или седум дена во неделата, без ризик од одреден пропуст - додава Делеу.

Голем проблем за ЕУ ​​се и пазарите на Блискиот Исток, каде што обучените и искусни контролори се многу добро платени, а некои земји се обидуваат да привлечат странски работници со великодушни пакети.

Во моментов ЕУ работи на програма за технологија со која би се надгледувал воздушниот простор „на далечина“. Започната е пробна програма во која тимови од Литванија и Полска ќе надгледуваат 15 аеродроми на далечина. Меѓутоа, таа технологија допрва треба да се развива.

Извор: Capital
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија