X
 25.11.2021 Живот

20 милиони девојчиња може да бидат исфрлени од училиште, родовата еднаквост приоритет за ЕУ

Колумна на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика и потпретседател Жозеп Борел и комесарката Јута Урпилаинен за Родовиот акциски план 3 на ЕУ


Правата на жените и девојчињата ретко биле оспорувани на друго место во светот на толку загрижувачки начин како во Авганистан. ЕУ стави јасно до знаење дека нејзината идна помош за развојот на Авганистан ќе зависи од почитувањето на нормите за човекови права, вклучително и на жените и девојчињата. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува жените и девојчињата низ светот, придржувајќи се до нашите вредности и уверувања.

Човековите права, слободата и демократијата, и рамноправноста претставуваат суштински вредности кои ја прават Европската Унија она што е. Ги збогатуваат нашите општества и ја зајакнуваат нивната отпорност. Родовата еднаквост е клучна за мирот, безбедноста, економскиот просперитет и одржливиот развој.

Затоа работењето на сите нивоа да се унапреди и заштити напредокот во однос на родовата еднаквост е политички приоритет и цел на ЕУ. Родовиот акциски план 3 на ЕУ и новиот буџет на ЕУ за надворешно дејствување даваат насока за глобална акција кон родово рамноправен свет. Работиме на постигнувањето на овие цели заедно со мултилатерални, регионални и билатерални партнери, вклучително и со граѓански организации. Ни претстои уште долг пат; нема простор за задоволство.

Во многу земји пандемијата ги влоши постојните родови нерамноправности во различни области: образование, стручна обука, здравство, безбедност, сексуално и репродуктивно здравје и права, одлучување и економски можности. Освен тоа, карантините поради ковид-19 често доведоа до пораст на родово базираното насилство, особено на семејното насилство. Во исто време, голем дел од товарот за грижата го понесоа жените и девојчињата. Вработените во неформалната економија и на ниско квалификувани работни места (најголем дел од нив се жени), мигрантите и оние што им припаѓаат на малцинствата беа изложени на поголем ризик и се соочија со повеќекратни и испреплетени облици на дискриминација.


Жозеп Борел

Освен тоа, затворањето на училиштата ги изложи девојчињата на зголемен ризик од сексуална експлоатација, рана бременост, детски труд и принудни бракови. Фондот „Малала“ проценува дека дополнителни 20 милиони девојчиња се соочуваат со ризик да бидат исфрлени од училиште, со што бројот на девојчиња без образовни можности би се зголемил на 150 милиони – што одговара на една третина од населението во ЕУ.

Според неодамнешен извештај на Обединетите нации, воените трошоци во 2020 година ги надминале глобалните трошоци за здравство, дури и во година во која доминираше пандемијата на коронавирусот. Со цел одржливо закрепнување од пандемијата на ковид-19, треба да ги удвоиме нашите напори за унапредување на родовата еднаквост.

Сега е момент да направиме повеќе

Овој предизвик бара глобален одговор сега, кога ја градиме иднината што ја посакуваме за нашите деца и внуци – да растат во постпандемиски свет кој ќе биде поеднаков, поразновиден и во кој еднаквите можности ќе бидат реалност. За да оствариме одржлива промена, треба да работиме на коренските причини за родова нерамноправност и дискриминација.

Во текот на пандемијата, Европската Унија и нејзините земји-членки, како и европските финансиски институции, застанаа зад жените и девојчињата од целиот свет. Како „Тим Европа“ обезбедивме 46 милијарди евра како поддршка за над 130 партнерски земји, со посебен акцент на жените и младите.

Три примери за илустрација: во Непал им помогнавме на еден милион девојчиња и момчиња да го продолжат образованието преку учење засновано на радио. Во Того поддржавме создавање програма за универзален приход и го поддржавме назначувањето жени на чело на новите општини. Во светски рамки, т.н. Спотлајт иницијатива на ЕУ и ОН им помогна на 650.000 жени и девојчиња да спречат или да се справат со насилството врз нив, а за 880.000 мажи и момчиња одржа обуки за позитивна машкост, ненасилно решавање конфликти и родителство.

Но, за да се справиме со растечките предизвици, треба да направиме повеќе. Тоа е целта на Родовиот акциски план 3. Тој промовира лидерство и суштинско учество на жените, девојчињата и младите во политичкиот, економскиот, општествениот и културниот живот, како и во сите прашања поврзани со мирот и безбедноста.


Јута Урпилаинен

Работиме на тоа да го вратиме човековиот развој на вистински пат

Овој план го претвораме во реалност со помош на новиот инструмент НДИЦИ-Глобална Европа (за соседство, развој и меѓународна соработка), вреден 79,5 милијарди евра, кој ќе го поддржи надворешното дејствување на ЕУ во наредните седум години.

Поддршката за образованието, особено на девојчињата, ќе има централна улога. Како што го поддржуваме образованието во вонредни состојби, ЕУ, во текот на пандемијата, работи со земјите-партнери за да го минимизира нејзиното влијание врз децата и да го олесни безбедното враќање во училиштата.

Како „Тим Европа“ веќе обезбедуваме повеќе од половина од вкупната глобална помош за образованието. Ќе обезбедиме уште повеќе средства за да ја унапредиме родовата еднаквост преку квалитетно образование на сите нивоа. Заедничката обврска што ја презедовме во јули кон Глобалното партнерство за образование со 1,7 милијарда евра – за трансформација на образованието за девојчиња и момчиња во 90 земји и територии – е дел од овој нов почеток.

Ги зголемуваме напорите - од поддршка на образованието и на економските можности за жени и девојчиња до подобрување на нивниот пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје. До 2025 година 85% од сите нови надворешни активности на ЕУ – во сите сектори – ќе придонесуваат кон родова еднаквост и засилување на жените.

Ова сега го привршуваме со земјите-партнери врз основа на консултации со организации на граѓанското општество, активисти за женски права и со млади.

Мора да го вратиме човековиот развој на вистинскиот пат и да ги оствариме Целите на одржливиот развој до 2030 година, водејќи сметка за секого.

Од клучно значење е тоа да го направиме како што треба.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот